Приоритет на Министерството за здравство е децентрализација на онколошките услуги во државата, започнавме со клиниките и здравствените институции што имаат соодветни кадри и инфраструктура, изјави министерот за здравство Азир Алиу во интервју за емисијата „360 степени“.
„Имаме веќе функционални одделенија во Битола и во Тетово. Во Градска општа болница „8-ми Септември“ сè е средено, значи веќе тој процес, административен за добивање лиценца е завршен и ценам дека за брзо време ќе треба и таму оперативно да имаме онколошки услуги на ниво на амбуланта, со тоа што, нормално, ќе требаат да поработат уште малку колегите од „8 Септември“ за да имаат поширока палета на онколошки услуги таму. Но, еве Тетово и Битола веќе имаат. Штип исто така ќе биде, сè уште е рана фаза таму, ќе треба да се инвестира инфраструктурно. Идејата е на онколошките пациенти да им нудиме онколошка услуга поблиску во регионот во кој живеат“, изјави Алиу.
Во однос на информациите во јавноста дека има недостиг на онколошка терапија, министерот Алиу посочи дека станува збор за проблем кој се јавува поради процедурите.
„Терапијата недостига поради тие процеси што се строго дефинирани во законот за отворање постапка до завршување на постапката и често ни се случува да бидат неуспешно завршени, па треба од почеток да се отвори постапка за тип на лек или за некоја друга услуга. И вториот момент е поради увозниците. Често и тоа ни се случува, постапката да е завршена успешно, а тој лек моментално не е увезен во нашата земја и чекаме недела-две, бидејќи и таму има административни процедури, да можат да завршат за да може да се требува и да биде дел од здравствениот систем“, вели министерот Алиу.