Во време кога социјалните мрежи сè повеќе личат на виртуелни сцени отколку на места за дружење, се појави инфлуенсерка која целосно ги промени правилата. Нема матичен број, не живее во вистински град, но има нешто што многу вистински инфлуенсери само го сонуваат – армија од над 31 милион следбеници, изграден карактер, стил и приказна што ги надминува границите на технологијата. Таа е Лу до Магалу (Lu do Magalu), денес најголемата виртуелна инфлуенсерка на планетата.
Приказната за Лу започнува во 2003 година во Бразил. Тогаш трговскиот ланец Magazine Luiza решил да создаде дигитална асистентка на својата веб-страница, со цел да им помогне на купувачите да се снајдат во онлајн продавницата. Намерата била едноставна – да се креира „лице на брендот“ што ќе комуницира мошне природно, пријателски и корисно. Но тоа што почнало како маркетинг-експеримент, брзо прераснало во културен феномен.
View this post on Instagram
Со текот на годините, Лу се развиваше заедно со дигиталниот свет. Од обична илустрација стана тридимензионален лик со емоции, глас и личност, клучниот момент доаѓа во 2019 година, кога компанијата ја претвора во „виртуелна личност“ со профили на Instagram, TikTok и YouTube. Публиката ја прифати како вистинска. Лу не зборуваше како бренд – зборуваше како пријателка. Коментираше случувања, следеше поп-култура, правеше скечеви и дури дискутираше теми како еднаквост, ментално здравје и одговорност на интернет.
Виртуелна инфлуенсерка што руши рекорди
До 2024 година Лу ги надмина сите познати виртуелни ликови. Со над 31 милион следбеници и годишни приходи од околу 2,5 милиони долари, стана најуспешната виртуелна инфлуенсерка во светот. Се појави на насловни страници на Vogue, соработуваше со големи брендови, коментираше фудбал во живо – а најважно, инспирираше луѓе да поверуваат во можноста за дигитален идентитет.
View this post on Instagram
Нејзините профили функционираат како комбинација од инфлуенсер маркетинг, медиумски канал и забава. Кога Лу ќе објави видео – тоа е истовремено реклама, lifestyle содржина и општествен коментар. Токму тука е тајната на нејзиниот успех: таа не продава производ – продава приказна, идеја, емоција.
Лу е создадена со помош на AI и најсовремени 3D технологии, но она што ја издвојува е нејзината емоционална убедливост. Тимот во Бразил користи AI алатки за креирање содржина – од анализа на расположението на публиката и следење трендови, до читање коментари во реално време. Благодарение на AI-аналитика, Лу „знае“ за што луѓето сакаат да зборуваат и го прилагодува својот тон – како вистинска личност.
View this post on Instagram
Кога границата меѓу виртуелното и вистинското исчезнува
Лу не е само дигитален лик – таа е симбол на новата ера на интернетот, каде што границите меѓу реалното и виртуелното бледнеат. Нејзината популарност покажува колку лесно луѓето ја прифаќаат технологијата кога таа има човечка топлина и смисла. Истото важи и за вештачката интелигенција: наместо да се плашиме од „роботи“, важно е да ги разбереме можностите што AI ги нуди. Кога ќе сфатиме како функционира, таа не е закана – туку алатка.