Ученици и студенти во Хрватска најавија бојкот и прекин на наставата

by irena 21:32
21:32

Средношколци и студенти во неколку хрватски градови најавија целодневен бојкот на наставата за петок, 20 ноември, како дел од меѓународниот младински штрајк.

Според најавата на организаторите, протестните активности ќе се одржат во Загреб, Риека, Пула, Задар и Осиек, а целта е да се укаже на проблемите со домувањето, високите трошоци за живот, состојбата во јавните служби и милитаризацијата.

Штрајкот е организиран од иницијативата „Младински штрајк“ (Youth Strike) во Хрватска и е дел од меѓународното движење „Младински штрајк“, кое најавува протести во 25 европски земји под слоганот „За нашата иднина, а не за нивните војни“.

„Со целодневниот бојкот на наставата сакаме да испратиме јасна порака до јавноста и до владата – младите сакаат иднина во Хрватска, овозможете ни ја!“, изјавија организаторите во соопштението испратено до медиумите.

Меѓу нивните барања се: подостапни и поевтини станови за младите, намалување на трошоците за живот и подобрување на квалитетот на здравствениот систем, образованието и науката. Тие се залагаат за демилитаризација, како и за решавање на проблемот со уништувањето на животната средина и спречување на идни екоциди.

Тие ги поканија медиумите да ги посетат училиштата и факултетите што ќе учествуваат во бојкотот на 20 ноември и да известуваат за активностите на учениците и студентите. Од иницијативата велат дека еднодневниот бојкот нема да биде крај на нивните активности и дека планираат да продолжат со протестите.

„Нашиот штрајк започнува на 20 ноември, но не планираме да застанеме на еден ден и еден штрајк; сакаме упорно да се бориме за нашата иднина“, порачаа организаторите.

Слични вести