Скопје со најмал буџет за справување со отпадот во регионот: Со „буџетче“ од 225 евра по жител, скопјани ќе се трујат и понатаму!  

by irena 18:11
18:11

 За петтата најдобра економија, како што тврдат од Владата, буџетот е навистина оскуден, посебно ако се спореди со буџетите на главните градови во регионот со неколку критериуми, како број на жители. Анализата на „Фокус“ покажа дека македонскиот главен град има премал буџет, дури и за тековно работење, а не, пак, за вложување во капитални инвестиции, како што се набавки на нови автобуси, пречистителни станици, брз автобуски превоз или справување со отпадот, кој деновиве предизвика еколошка катастрофа и го загрози здравјето на граѓаните. Буџетот на Скопје има вредност малку поголема од регионалниот центар за управување со отпад во Љубљана, со кој главниот град на Словенија наскоро ќе стане првиот европски град без отпад.

 

Пишува: Орце КОСТОВ

Со 28 гласа „за“ и два „против“, градските советници лани во декември го изгласаа Буџетот на Град Скопје за тековната 2025 година, кој изнесува 140 милиони евра и е најголем буџет во единиците на локалната самоуправа во Македонија.

Од Секторот за финансии, кој го образложи буџетот, посочија дека во него се содржат проекти што се наменети за подобрување на инфраструктурата, изградба и реконструкција на патишта и инфраструктурни објекти и сите други капитални проекти, каде што инвестицијата опфаќа период подолг од една година.

Овој буџет за 2025 година беше последен што се донесе во мандатот на градоначалничката Данела Арсовска и на актуелниот состав на Советот, чиј мандат ќе заврши за неполни два месеца затоа што локалните избори се закажани за 19 октомври.

Но, за петтата најдобра економија, како што тврдат од Владата, буџетот е навистина оскуден, посебно ако се спореди со буџетите на главните градови во регионот со неколку критериуми како број на жители и ако се земат предвид одвоените средства за инвестиции во јавниот превоз и справување со загадувањето и отпадот.

„Фокус“ ги анализира буџетите на главните градови во соседството и во некои земји од поранешна СФРЈ, кои сега се дел од Европската Унија.

Податоците покажуваат дека македонскиот главен град има премал буџет, дури и за тековно работење, а не, пак, за вложување во капитални инвестиции, како што се набавки на нови автобуси, пречистителни станици, брз автобуски превоз или справување со отпадот, кој деновиве предизвика еколошка катастрофа и го загрози здравјето на граѓаните.

Буџетот на Скопје има вредност малку поголема од регионалниот центар за управување со отпад во Љубљана, со кој главниот град на Словенија наскоро ќе стане првиот европски град без отпад.

Тој е двојно помал од Белград и малку помал според бројот на жителите од Загреб, а двата града имаат буџет од 1,5 милијарди евра, односно три милијарди евра. Мизерниот буџет на Градот Скопје е десетпати помал од буџетот на Белград и 20 пати помал од буџетот на Загреб.

ПОСЛЕДНИ НА БАЛКАНОТ

Градот Скопје, според последниот Попис од 2021 година, има околу 530.000 жители во градските граници, односно околу 625.000 жители со приградските населени места. Ако се земе предвид дека Буџетот на Град Скопје за 2025 година е 140 милиони евра, тоа значи дека ќе се реализираат вкупно приходи и расходи од 225 евра по жител.

Главниот град на Косово, Приштина, во 2024 година имал 227.466 жители, што е повеќе од двојно помалку од Скопје, а предлог-буџетот за 2025 година бил 128 милиони евра. По жител, тоа се 563 евра, наведува „Газета експрес“.

Главниот град на Црна Гора, Подгорица, кој е трипати помал од Скопје со население од 214.265 жители, има солиден буџет од 153 милиони евра или по 714 евра по жител.

Сараево, како административен кантон во кој се вклучени повеќе општини од федерацијата БиХ, со вкупна бројка на жители од 414.593, има рекорден буџет за 2025 година од 1,8 милијарди конвертабилни марки или околу 961 милион евра. Тоа е 2.324 евра по жител.

Атина има комунален буџет од 210 милиони евра за своите 643.452 жители во градските граници, а тоа е 326 евра по жител.

Во главниот град на Словенија, Љубљана има нешто под 300 илјади жители. Во официјалниот документ за буџетот за 2025 година стои дека овој град се стреми да биде прв европски град со нула отпад и има на располагање нешто на 530 милиони евра, што е околу 1.800 евра по жител.

Загреб е малку поголем од Скопје, но има 20 пати поголем буџет од нашиот главен град. Престолнината на Хрватска има 767.131 жител според податоците од 2021 година и буџет од неверојатни 2,94 милијарди евра за 2025 година или 3.832 евра по жител.

Главниот град на Србија, Белград е двојно поголем од Скопје и според последниот попис од 2022 година има 1,2 милиони жители за кои градот обезбеди буџет од 1,6 милијарди евра или по 1.332 евра по жител.

Бугарската престолнина Софија, за 2025 година предвиде буџет од 1,47 милијарди евра за своите 1.286.460 жители или 1.141 евро по жител во градското подрачје на Софија.

14 ЕВРА ПО ЖИТЕЛ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ

Општина Гази Баба, во 2024 година склучила договори за јавни набавки со најголема вредност. Вредноста на тендерите во Општина Гази Баба е 11,7 милиони евра и со тоа повеќе на прво место не е Градот Скопје, кој е најголема единица на локалната самоуправа и со најголем буџет за македонски услови.

Истражувањето за спроведените тендери од општините во 2024 година направено од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) покажува и дека Град Скопје има потрошено 14 евра по жител, што е најмалку пари од сите општини.

Лани, 80-те општини и Градот Скопје склучиле вкупно 4.006 договори за јавни набавки во вредност од 11,7 милијарди денари или 190 милиони евра. На второ место по потрошени пари на јавни набавки се наоѓа Општина Битола со 11,4 милиони, а треторангирана е Општина Аеродром со 10 милиони евра. Следува Општина Штип со 8,7 милиони евра. На средина од табелата е Општина Струмица со 7,8 милиони евра. По неа, на шесто место следува Градот Скопје со 7,3 милиони евра. Општина Кисела Вода e следно рангирана и има јавни набавки од 6,7 милиони евра. Следуваат општините Кавадарци и Куманово со набавки вредни околу 5,9 милиони евра, а десетта на листата е Општина Охрид со вредност на јавните набавки во 2024 година од 5,2 милиони евра.

Во 2024 година, вредноста на општинските тендери пораснала за 16 проценти, односно за 26 милиони евра. Најголем скок во вредноста на тендерите имаат скопските општини Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода. Град Скопје, за првпат го загуби приматот и со годишен пад на вредноста на тендерите од 11,5 милиони евра, се наоѓа на шестото место.

„Општините трошат на јавни набавки просечно по 28 отсто од своите буџети. Најголема вредност на набавки по жител има Дојран, 675 евра, а најмала Градот Скопје, само 14 евра. Вредноста на јавните набавки на Град Скопје во 2024 година е намалена за 2,5 пати, додека набавките се зголемени во дури 52 општини“, покажува истражувањето на ЦГК за јавните набавки на општините во 2024 година.

Намалување на вредноста на набавките во 2024, во однос на 2023 година има кај вкупно 29 општини. Најголем пад во апсолутна вредност на тендерите во 2024 бележи Градот Скопје, од дури 11,5 милиони евра, а по него следуваат општините Центар, со пад од 2,2 милиони евра, потоа Радовиш, со намалување од 2 милиони евра, Тетово со 1,5 и Општина Карпош, со пад од околу милион евра.

Во 2023 година, вредноста на договорите за јавни набавки на Град Скопје изнесуваше близу 19 милиони евра, па така во 2024 година, Скопје има пад од околу 11,5 милиони евра. Набавките на Градот Скопје во 2024 година се драстично пониски од изминативе 7 години, и тоа двојно пониски од 2018 година, кога биле најниски во оваа седумгодишна низа, а изнесувале околу 14 милиони евра.

УПРАВУВАЊЕ СО ОТПАД

Ставката капитални расходи во буџетот на Град Скопје за 2025 година изнесува 2,67 милијарди денари или 43 милиони евра, за 2026 година се предвидени 44 милиони евра, а за 2027 година 44,3 милиони евра.

Доколку новиот избран Совет на Град Скопје не го промени ова по неговото конституирање во ноември, идниот градоначалник ќе нема многу простор да инвестира во животната средина, посебно во делот со редовното собирање на отпадот, негово одлагање и потоа управување на легалната депонија Дрисла.

Згора на тоа, годинава, во буџетот за заштита на животната средина биле предвидени само 5,2 милиони евра, што е премалку, со оглед на сериозните проблеми со кои се соочува Градот.

Пожарите во Дрисла, дивата депонија на Вардариште, пожарот во Трубарево, Пинтија, горењето диви депонии, отпади за електроника и гуми, ја покажаа целата неспособност на општините, Градот Скопје и институциите за животна средина да се справат со овие проблеми и да дејствуваат превентивно.

Што вели споредбената анализа на Скопје со другите градови, како Загреб, Љубљана, Белград, Софија, Тирана и Сараево? Во Скопје, граѓаните речиси и да не учествуваат во селекција на отпадот, нема доволно инфраструктура за рециклирање, контејнерите често се преполни, особено во густо населените делови, а дивите собирачи на отпад прават поголема штета со разнесувањето и селекцијата на металните делови од отпадот.

„Дрисла“, во последните години најавува нови технологии за енергетско искористување на отпадот (waste-to-energy), но реализацијата оди бавно, а Град Скопје воведе и мали пилот-проекти за компостирање органски отпад, но тоа е премалку да се исчисти градот.

Скопје има основен систем за собирање и депонирање отпад, но рециклирањето и современото управување се сè уште во рана фаза, далеку зад европските стандарди.

МОДЕЛ „ПЛАТИ КОЛКУ ФРЛАШ“

Од 1 октомври 2022 година, Загреб воведе систем во кој граѓаните плаќаат според количеството на мешан отпад што го фрлаат. Тоа се постигнува преку задолжителна употреба на специјални сини кеси наречени „Zg vrećice“ за мешан отпад. Овие кеси се достапни во продавниците и се користат исклучиво за отпад што не може да се рециклира или компостира.

Граѓаните се охрабруваат да го одвојуваат отпадот во различни категории: пластика, метал, стакло, хартија, биоотпад и текстил. Во јавните простори се поставени над 5.800 канти за рециклирање, а достапни се и 10 рециклажни центри и 10 мобилни рециклажни единици.

Градот планира да инсталира повеќе од 2.200 полуподземни контејнери за отпад низ целата територија на Загреб до крајот на 2027 година. Овие контејнери се дизајнирани да заштедат простор и да го подобрат изгледот на градот.

Градот управува со рециклажни капацитети, каде што се обработуваат рециклирачки материјали како хартија, пластика, стакло и метали. Отпадот што не може да се рециклира се депонира на депонијата Јакушевац, која има систем за собирање гасови од депонија за производство на електрична и топлинска енергија.

Градот активно работи на едукација на граѓаните за важноста на одвојувањето на отпадот и користењето соодветни контејнери. Постојат кампањи и информативни материјали, кои ги охрабруваат граѓаните да учествуваат во системот за рециклирање.

ЉУБЉАНА Е ЕВРОПСКИ ПРВАК

Во 2014 година, Љубљана ја усвои стратегијата за нула отпад, со цел да го намали отпадот што се депонира и да го зголеми рециклирањето. До 2025 година, градот има за цел да ја зголеми стапката на рециклирање на 78 отсто и да го намали количеството на преостанат отпад на 115 кг по жител годишно.

DCIM100MEDIADJI_0051.JPG

Љубљана има систем за одвојување на отпадот во различни категории: стакло, пластика, хартија, биоотпад и мешан отпад. Граѓаните се охрабруваат да ги користат специјалните канти за рециклирање и да го одвојуваат отпадот во домашни услови. Во центарот на Љубљана се користат подземни контејнери за собирање на отпадот, кои помагаат во зачувување на јавните простори и го подобруваат изгледот на градот. Граѓаните добиваат посебни картички за пристап до овие контејнери.

Љубљана управува со рециклажни капацитети, каде што се обработуваат рециклирачки материјали како хартија, пластика, стакло и метали. Отпадот што не може да се рециклира, се депонира на депонијата Јакушевац, која има систем за собирање гасови од депонија за производство на електрична и топлинска енергија.

БЕЛГРАД И ТИРАНА НА ПАТ КОН ЗЕЛЕНА ТРАНЗИЦИЈА

Белград, главниот град на Србија, се соочува со сериозни предизвици во управувањето со отпадот, но истовремено презема значајни чекори за подобрување на оваа ситуација.

Белград почна амбициозен проект за енергија од отпад, кој вклучува затворање на старата депонија Винча и изградба на нова, модерна инсталација за обработка на отпад. Винча е една од најголемите во Европа, но и најпроблематична поради пожарите и загадувањето.

Овој проект е реализиран преку јавно-приватно партнерство со компаниите Beo Čista Energija, составена од францускиот гигант Veolia, јапонскиот Itochu и паневропскиот фонд Marguerite. Инсталацијата почна со работа во 2024 година и ќе обработува до 340.000 тони отпад годишно, што претставува 66 отсто од вкупниот отпад на Белград. Проектот ќе произведува енергија што ќе се користи за снабдување на околу 30.000 домаќинства и за топлински системи во градот.

Иако проектот за енергија од отпад е значаен чекор напред, Белград сè уште се соочува со недостиг од капацитети за целосно рециклирање на отпадот, што значи дека значителен дел од отпадот се депонира или се согорува без да се искористи неговиот потенцијал за рециклирање.

Според официјалните податоци, во Белград, од 10 до 15 отсто од отпадот се рециклира.

Во Сараево постои главна депонија, која е често преоптоварена и има проблеми со пожари и загадување. Во Сараево, селекцијата на отпадот е незначителна под 5 отсто, а неформалните собирачи играат значајна улога.

Отпадот во Подгорица најчесто завршува на депонијата Ливада, која нема современ санитарен стандард. Селекција и рециклирање речиси и да нема, а фокусот е на депонирање.

Главната депонија Шара во Тирана, исто така, се соочува со големи проблеми, како неконтролирано горење, загадување, а рециклирањето на отпадот е минимално. Во последните неколку години, Тирана вложува во јавно-приватни компании, кои ќе го преработуваат отпадот во електрична енергија.

Софија го има еден од најразвиените системи на Балканот по Љубљана. Во Софија се наоѓа голем интегриран центар за третман на отпад, кој вклучува компостирање, механичко-биолошки третман и согорување. Селекција на отпад за рециклирање е на ниво од 40 отсто.

Заклучокот е дека Љубљана на сосема друго ниво е град, кој најдобро се справува со отпадот во цела Европска Унија. Софија и Загреб речиси ги постигнаа европските стандарди, Белград и Тирана се во фаза на транзиција кон модерни решенија, а Скопје, Сараево и Подгорица сè уште се заглавени во стар модел на депонирање.

Текстот е објавен на 18 септември 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.563.

Слични вести