Четвртата по ред Парада на гордоста/Скопје Прајд, годинава ќе се одржи на 24 јуни под мотото Гласни и горди!
Националната мрежа против хомофобија и трансфобија одржа прес-конференција посветена на овогодишното издание на Парадата на гордоста, кое ќе се одржи на 24 јуни 2023 година. Почетната точка, како и досега, ќе биде во паркот „Жена-борец“, каде во 17 часот ќе започне собирањето на учесниците, а во 19 часот по кратките поздравни говори ќе започне протестниот марш по скопските улици според истата рута како и минатите години и ќе заврши со културно-музичката програма на стадионот на АРМ во Градскиот парк.
Напредокот на полето на правата на ЛГБТ+ луѓето не е изедначен, ниту пак е доволен, а постојано е соочен со напади од сили кои се противат на универзалните човекови права. Токму затоа, Прајдот останува важна форма на протест на ЛГБТ+ заедницата против стигмата, предрасудите и насилството.
Ирена Цветковиќ се осврна на актуелниот контекст и загрижувачки силното негативно мобилизирање на верските заедници, конзервативните и популистичките политичари и партии, како и антиродовите движења против ЛГБТИ заедницата, „особено против најранливиот и најмаргинализираниот дел од заедницата, нашите транс браќа и сестри.
Во ваква непријателска средина кога говорот на омраза и насилствата се во пораст, а хомофобијата и трансфобијата стануваат доминанта позиција на носителите на моќ, да се биде Горд и Гласен претставува отпор и протест против системот кој угнетува. ЛГБТИ заедницата минала низ многу тешки периоди, ќе минеме и низ овој само со исправена глава, горди и гласни во остварувањето на нашата визија за свет на еднаквост и просперитет“, истакна Цветковиќ.
Скопската парада на гордоста е настан којшто забележува сè поголемо присуство на младите. Тоа укажува дека на младите повеќе од било кога им е потребна видливоста на нивните идентитети.
„На Скопската парада на гордоста барем за момент и на еден ден младите можат да почувствуваат грижа, поддршка, сплотеност и прославување на нивниот идентитет во општеството кое што постојано им кажува дека не се доволно вредни, дека се збунети или пак дека се под нечие влијание. Големата излезност на младите на Парадата покажува дека сепак постои надеж дека генерациите што доаѓаат имаат и недвосмислен политички став и дека се тука и се гласни.
На нашите Паради изминатите години можевме да видиме и родители коишто гордо застанаа покрај своите ЛГБТИ+ деца и маршираа за нивните права. Со ова тие испраќаат порака кон другите родители што можеби сè уште се плашат или не знаат како да ги прифатат своите деца – дека друга реалност е возможна за нив. Овие храбри исчекори се базата за тоа како сакаме да изградиме еднакво општество“, рече Ангел Димитриевски.
Новините во програмата на Скопје Прајд ги соопшти Кочо Андоновски, кој истакна дека Парадата се отвора како платформа за многу други каузи. „Се отвараме за други групи кои сакаат својата порака да ја пренесат на јавноста. Тие беа присутни и во изминатите години, но тоа не беше организирано и некако се губеа сите тие пораки и транспаренти, така што оваа година ги повикуваме сите оние кои имаат свои кампањи, различни активности и сакаат да бидат препознаени со своите пораки и свои обележја да ни се јават, рече Андоновски. Тој се заблагодари на Министерството за одбрана за поддршката, како и на Министерството за внатрешни работи за тоа што постави нови стандарди во регионот за тоа како се обезбедува овој настан.