Австриска компанија се мачи да наплати долг од 4 милиони евра од валандовска фирма за корнишони!

Валандовска компанија го прекршила договорот со австриски инвеститори, па Арбитражниот суд во Виена пресудил да плати 4 милиони евра. Но, додека се потврдува оваа арбитражна одлука пред македонските судови, валандовската компанија заработи кривична, во која стои дека таа префрла пари на друга поврзана фирма. Во меѓувреме, се изрекуваат и се укинуваат привремени мерки, што може да ѝ остави можност и време на домашната компанија да се ослободи од имотот и да нема со што да го плати долгот. „Фокус“ поседува обемна документација за случајот!

by fokus

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Валандовската компанија „ДЕНА продукт“ е во клубот 200, односно е рангирана меѓу 200 најуспешни компании во Македонија. Официјално, одгледува дињи, лубеници и трупкаст зеленчук, но од она што може да се прочита на интернет, оваа компанија откупува и корнишони.

Во 2016 година, валандовската компанија склучила ексклузивен договор со австриската компанија „АММА ДОО Хоенемс“, која работи со трговија на големо и дистрибуција на земјоделски производи.

Па така, Австријците инвестирале неколку милиони евра и на валандовската компанија ѝ обезбедиле технологија, семиња, know-how, пласман на пазарот и финансирање производство.

Со договорот се воспоставила долгорочна соработка меѓу компаниите, па земјоделските производи од Македонија се извезувале во Австрија, односно на европскиот пазар.

Австриската компанија инвестирала, но, според Договорот за ексклузивност, за возврат зеленчукот, односно корнишоните од прва класа, „ДЕНА“ требало да ги продава исклучиво на „АММА“.

Но, по пет години соработка, „АММА“ дознала дека овие корнишони наместо за „АММА“ завршувале во конкурентска германска компанија, со што, според нив, „ДЕНА“ го прекршувала договорот.

АРБИТРАЖА ВО ВИЕНА

Затоа, како што дознаваме, „АММА“ иницирала меѓународна трговска арбитража во Меѓународниот арбитражен центар на Австриската федерална економска комора во Виена, (VIAC). На 3 јануари 2023 година, Арбитражниот трибунал донел Арбитражна одлука целосно во корист на АММА.

Според оваа одлука, „ДЕНА“ треба да ѝ плати на „АММА“ 4 милиони евра, односно целиот износ на однапред исплатената инвестиција за производство на земјоделски производи, плус штети, трошоци и каматни стапки. Но, за оваа одлука да стане извршна, треба да биде потврдена пред нашите судови.

Странската компанија што инвестирала и сега сака да си ја наплати штетата поднела и кривична пријава против валандовската фирма, но проблемите почнале кога, како што се наведува во самата кривична, кон средината на 2022 година, кога фирмата-должник почнала да трансферира пари кон нејзина блиска фирма.

„Фокус“ располага со документи, имотни листови на „ДЕНА“, на кои се впишани налозите за извршување од една на друга фирма, одлуката на Апелација, а обезбеди и потврда од Граѓанскиот суд дека таму постапката е сѐ уште во тек.

Исконтактиравме и со адвокатското друштво што ја застапува австриската компанија, но таа засега не сака да дава никаков коментар додека не завршат тековните постапки пред судовите.

Што се однесува до валандовската компанија, нејзин управител е Атанас Костов, кој не беше расположен за коментар. Негова сопруга е Емилија Заева Костова, братучетка на поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, која истовремено е и стопроцентен сопственик на компанијата „Глобал трејд ДММ“ од Валандово, каде што, според наводите во кривичната пријава, се трансферирале парите.

Судската голгота за австриската компанија кулминирала чекајќи арбитражната одлука од Виена да се потврди пред македонските судови. Иако Арбитражниот суд во Виена, одлуката ја донел на 3 јануари, и по 5 месеци нашите судови ја немаат потврдено.

Тогаш почнува битката на странците на секој можен начин преку институциите да го заштитат побарувањето, односно да се донесе привремена мерка, која ќе ја спречи компанијата на Костов да го отуѓува имотот.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Поврзани новости