Но, каде сме ние, граѓаните на Скопје во целата таа ситуација? Што преземаме за таа да се промени и воздухот да се подобри? Не велам да протестираме и да го впериме прстот во надлежните, туку велам да почнеме од себе.
Имајќи предвид дека голем удел во загадениот воздух имаат издувните гасови од возилата, колку од нас би се решиле до некаде да појдат без возило?
Колку од нас својот превоз би го замениле со јавниот превоз? Колку од нас можат да функционираат без своето возило? На сите не ни чини тоа што го дишеме, ама и сите сакаме некој друг да ни ја заврши работата.
Во врска со загаденоста на воздухот вина имаме самите ние и сè додека не се освестиме и не почнеме сами да влијаеме, работите нема да се променат.
Можеби звучи дури и наивно и амбициозно, но ова може да биде поттик за инцијатива од типот „недела без автомобил“, каде, ете, и Владата преку истата може да апелира до сите државни работници кои до работа одат со возило да ја применат. Невладините организации да ја поддржат, а истата во иднина почесто да се применува.
Тогаш, колку толку, ние како жители на Скопје ќе си го завршиме нашиот дел од должноста и обврските за подобар воздух и животна средина и можеби ќе оставиме пример за примена и солидарност и кај останатите.
Иако има големи шанси ова да остане само како пишанка, повеќето да кимнат со глава и да си речат, „Да, Васиљ во право си!“, а по 10 минути да излезат од дома, да запалат кола и да одат по цигари до продавница. А може и еден од сите, ќе го направи обратното и овој апел, колку толку, ќе добие и ќе има некаква смисла.
Скопје не е град, Скопје е идеја што ја прават луѓето кои живеат во него, што би рекол мојот другар Јове.