Скопје – град без забава

by Фокус

Актуелната градска власт еве веќе година и половина не се ни обидува да изнајде решение за скопскиот Луна-парк, кој патем речено е дел од Градскиот парк, место кое стана свртилиште на скопјани и за викендите е преполн од млади луѓе. Повторно се е сведено на најава на проект.

Пишува: Васко КИЧЕВСКИ

Возење на панорамата, адреналин на автодромот и тоа на големиот, звукот на вториот круг со малото вовче… Па и ако имаш доволно пари за да купиш блок карти со 10 возења, на среќата и нема крај. Ем ќе се забавуваш, ем пари за пирошка ќе ти останат.

Вака некогаш се забавуваа децата во Скопје. Секако, и оние кои ќе дојдеа на гости од други градови. Атракција беше да се оди во Луна парк, знаеш дека денот најубаво ќе ти помине, ќе пишеш спомени во срцето, до следното одење на некоја вртелешка или ракетодром.

Денес, додека по логика на нештата ваквиот Луна парк требаше да биде уште позабавен, поголем и повесел, во Градскиот парк остана само сува жолта трева.

Од кога во 2017 година се слушна звукот на последното свирче на детскиот воз, Луна паркот и официјално се затвори. Шест години најави, проекти, наводни почетоци со мегаломански идеи за скопски Дизниленд.

Децата ниту видоа нови реквизити, а Дизниленд уште помалку.

ПУСТИ СОНИШТА

Ако денеска во Скопје како главен град на државава посакате да се оттргнете од секојдневието и на своите деца да им пружите некаков вид на забава, ќе потрошите многу за да смислите каде да ги однесете а тоа да не биде кафеана или кафуле со по некој реквизит за деца.

Денеска во Скопје се што можете да направите е да се прошетате на преубавите Водно и Матка и тоа е одлично, но само со природни убавини не може да се задоволат потребите на еден модерен, урбан град каков што е Скопје.

„Езерце“ во Градски парк била првата локација на Луна паркот што сите го знаеме. Во 1955 година, како забавен парк тука имало лулашки, чамци и друга забава за сите возрасти. И како таков останал на ова место цели 18 години, за после тоа да биде префрлен на локацијата на која и се затвори, во срцето на Градскиот парк.

Во Луна паркот имаше и летно кино, се правеа детски манифестации, а најголема беше онаа кога за 1-ви април се правеше Избор на најдобро маскирано дете. Но, секоја наредна декада, наместо да се обновува, одржува и надоградува, Луна паркот полека, но сигурно тонеше.

Почетокот на крајот на најголемата детска забава почна во 90-тите, кога се кубуреше со пари за негово одржување, па реквизитите почесто беа вон функција, отколку што работеа.

Веќе на почетокот на новиот век, целосно го снема сјајот на скопскиот Луна парк. Една по една, се гаснеа Панорамата, па големиот автодром, па малиот, па вртелешката за големи, па онаа за мали деца, за да на крајот биде тргнато и детското вовче и се стави катанец.

Тажна беше сликата кога се се срамни со земја, ама па и мислевме дека има надеж и дека за кусо време и децата, но и возрасните ќе уживаат во модерен Забавен парк.

Пусти соништа…

СЕ ОД ПОЧЕТОК

По затворањето имаше неколку неуспешни обиди на тогашните градоначалници, кои преку повик за приватно-јавно партнерство се обидуваа да најдат инвеститори. Но тоа заврши безуспешно.

Актуелната градска власт еве веќе година и половина не се ни обидува да изнајде решение за скопскиот луна парк, кој патем речено е дел од Градскиот парк место кое стана свртилиште на скопјани и за викендите е преполн од млади луѓе. Повторно се е сведено на најава на проект.

Иако беше предвидено со градски буџетски пари да се почне уште лани, кога се тврдеше дека има пари за проектирање, изградба, набавка на опрема и реквизити и нивно монтирање, до денес, помина половина од 2023, која патем требаше да ја донесе претпоследната фаза и нов Луна парк да ги израдува децата во 2024 година.

Сега се од почеток, оти актуелното градско раководство пред неполн месец изјави дека дури сега бил прифатен проектот од претходниот градоначалник. Па се решавале неопходни дозволи, па правни работи. До кога никој не знае, бидејќи датум никој не кажува.

Новиот Луна парк треба да се протега на околу 24.000 метри квадратни, а вкупната проценета вредност за изградба, набавката на реквизити и нивното монтирање ќе изнесува околу 400 милиони денари или околу 6,5 милиони евра.

Главниот забавен дел на паркот предвидено е да има два адреналински реквизита, шест семејни и 18 детски реквизити. Во паркот ќе има разни видови лулашки, вртелешки, тобогани и сличен вид на забавно-рекреативни содржини.

Но, што на едно дете му значат дозволи, проекти, ревизии? Ама баш ништо! Децата единствено сакаат да бидат деца – среќни, да се забавуваат и да живеат во радост.

Ќе има да почекаат…

(Авторот е Претседател на Градската организација на СДСМ)

Поврзани новости