Триесетина жители на Визбегово денеска одржаа протест, бараат да се дислоцира од нивнта населба домот во кој живеат три деца на возраст од 13, 14 и 15 години. Пред присутните се појави директорката на трансформираните установи „25 Мај“ и „Ранка Милановиќ“, Виолета Масевска Палиќ и апелираше за разбирање за овие деца кои ќе бидат по 24 часовен надзор и мора да се има разбирање за ресоцијазиција и прифаќање на овие деца во општеството.
-Навистина ми е жал што дел од нашето општество сѐ уште не е зрело да се грижи и да ги прифати децата коишто во животот имале помалку среќа. Ние се грижиме за секое дете во државата. Не сакавме малолетните деца да ја слушнат омразата и гневот насочен кон, затоа во овој момент додека трае протестот тие се однесени на место каде што се прифатени од околината. За жал децата се свесни за ова што се случува тука и веќе патат, истакна директорката.
Со цел да ги заштити од омразата насочена кон нив, Министерството за труд и социјална политика информира дека денеска привремено во текот на протестите во Визбегово организирани од соседите ги дислоцираше трите деца сместени во малиот групен дом и истите ќе бидат вратени во Визбегово веднаш по завршувањето на протестот.
Дел од жителите на Визбегово упорно одбиваат да го прифатат домот и инсистираат децата да бидат преместени на друго место. Му се случува ли на Скопје Тимјаник, кога жители протестираа против групен дом со 4 малолетни деца, кои исто така се со 24 часовен надзор и не се никаква закана за околината. Тимјаник денеска функционира најнормално и никој нема проблем со децата, а жителите на Тимјаник увидоа дека згрешиле во нивната проценка.
Вики Клинчарова