Скопје 5:17

by Фокус

Не знам како градоначалничката на град Скопје не чувствува срам кога проаѓа покрај Универзална сала и гледа во каква мизерна состојба е оставена. Кај мене, а верувам и кај сите скопјани, Универзална секогаш буди посебни чувства.

Пишува: Васко КИЧЕВСКИ

Изминатите неколку недели се тресеше тлото во Турција и Сирија, се случија катастрофални земјотреси кои предизвикаа огромни штети и однесоа многу жртви.

Страшните слики од урнатините во земјотресите како наеднаш да не потсетија дека токму тука, на 26 јули 1963 година, и на Скопје му се случи исто таква несреќа. И од целата таа несреќа со помош од целиот свет се воздигна нов град, град на солидарноста.

Но, некако брзо забораваме и лесно ги поминуваме ваквите настани, мислејќи дека ваквите појави не може да се повторат, па така од градот на Кензо Танге останаа само макетите, идеите и по некој зачуван објект кој останал недопрен од постземјотресно Скопје.

А, Скопје по земјотресот било место каде што буквално светот се обединил за да ни помогне да го изградиме нашиот град по некои светски стандарди.

Но ние, како и во се друго, од една прекрасна архитектонска идеја направивме македонска верзија и секогаш кога треба да се прави некој посериозен зафат во Скопје се враќаме на макетите на Кензо Танге, а живееме во макетите на Скопје 2014.

НЕГРИЖА И БЕЗИДЕЈНОСТ

Неконзистентната политика кон градот и тешките импровизации го уништуваат Скопје. Така претходната градска власт се зафати со реконструкција на Универзална сала, за денеска тој објект да наликува на едно старо ругло кое скапува од ден на ден.

„Средбата на солидарноста“, која се одржувала во Скопје од 60-те до 80-те години, е местото каде се раѓа идејата за создавање на Универзална сала, сала која подоцна ќе стане синоним за културниот живот на Скопје.

Кога ќе кажете солидарност, треба да знаете дека Универзална сала е споменик на солидарноста бидејќи таа и не би била изградена доколку 35 земји од светот не ги здружија силите за да му помогнат на град Скопје да добие објект кој со децении ќе биде место на културно изразување на илјадници културни работници.

За жал, денес, Универзална сала е оставена да пропаѓа од негрижа и безидејност на градската власт. Актуелната градска власт како да му е душман на Скопје, како да се дојдени со една цел, да уништат сѐ. Безидејни за тоа што да прават со мандатот кој им го доверија скопјани оставаат се да пропадне и Скопје полека да изумре.

Еве конкретно да зборуваме за Универзална сала. За овој проект средства за реконструкција се обезбедени од Владата и истите повеќе од седумнаесет месеци стојат неискористени во градот Скопје.

Во 1965 година им требало 10 месеци за да го изградат објектот и истиот, некој месец подоцна, да биде пуштен во употреба, а денеска за 17 месеци ништо не е направено.

СПОМЕНИК НА СОЛИДАРНОСТА

Не знам како градоначалничката на град Скопје не чувствува срам кога проаѓа покрај Универзална сала и гледа во каква мизерна состојба е оставена.

Кај мене, а верувам и кај сите скопјани, Универзална сала секогаш буди посебни чувства, па тоа е местото каде се организираше „Златно Славејче“, место каде секое дете со малку талент за пеење може да застане на големата сцена и да запее пред Скопје. Генијална идеја на генијалниот композитор, диригент и великан на современата македонска музика, Александар Џамбазов.

Во Универзална сала гостуваа и ансамбли од целиот свет, се организираа претсави, одевме на концерти на Тоше, Каролина, Нокаут, како и други ѕвезди од соседството, па и од светот. Скопје и скопјани имаат нужна потреба од овој објект кој претставуваше место за културно изразување и воздигнување.

Да не заборавиме, Скопје се кандидираше и за престижната награда „Европска престолнина на културата 2028“, а како ќе ја добиеме оваа награда кога градот на солидарноста, како што милуваме да кажеме, не се грижи да си го возобнови културниот споменик на солидарноста.

Зошто Скопје и скопјани да не се радуваат во еден ваков објект? Зошто да не се надминат суетите и на почетокот на 2024 година да имаме реконструирана сала? Зошто оваа реконструирана сала да не ја преименуваме во чест на човекот кој прв ја држел диригентската палка во 1965 година?

Јас, како непоправлив оптимист, сè уште мислам дека Скопје може и ќе стане престолнина на културата во 2028 година и наредната година на дента на отворањето на реконструираната Универзална сала ќе ја слушаме „Рапсодија на Скопје“ и ќе уживаме во многу нови убави моменти во старо-новата Универзална сала.

(Авторот е претседател на Градската организација на СДСМ)

Поврзани новости