Сомнителен или регуларен тендер за надзор на изградбата на Коридор 8 и 10?

by Фокус

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска реагираше во однос на тендерската постапка за надзор на работите за изградба на Коридорот 8 и 10, изразувајќи сомнеж за регуларноста на постапката.

„Условите на тендерот биле променети кога веќе бил објавен за да  одговара на шпанската фирма „Ептиса“, велат во ВМРО-ДПМНЕ, вперувајќи го прстот кон премиерот Ковачевски и првиот вицепремиер Груби .

Според опозициската партија, освен што се продолжил рокот, отстранет бил и условот компанијата да има позитивно финансиско салдо во последните три години.

Владата и понатаму не одговара на прашањата на Алсат зошто донела одлука со која на Ептиса и се вратило правото да добива тендери вредни над 1 милион евра, само два месеца откако на владина седница била донесена одлуката фирмата да не може да учествува на тендери повисоки од 1милион евра.

Од ЈП за државни патишта, пак, соопштија дека постапката за избор на „Надзор и правен трансакциски советник за изгрaдба на Коридор 8 и Коридор 10“ е регуларен и транспарентен.

„На тендерот беа доставени три понуди и тоа од:

-INGEROP CONSEIL ET INGENIERIE“, Франција, како лидер на група понудувачи здружен со ЕГИС ИНТЕРНАЦИОНАЛ и МАТЕКА ИНЖЕНЕРИНГ ДОО,

-друштвото „IRD ENGINEERING SRL“, Италија, како лидер на група понудувачи, здружен со EPTISA SERVICIOS DE INGENIERIA SL-Шпанија, ЕЛЕКТРА КОНСАЛТИНГ ДОО, Скопје и ЕВРОКОНСАЛТИНГ ДОО Скопје, како членови на група понудувачи.

-и „HIL INTERNATIONAL N.V. од Холандија како лидер на група понудувачи здружен со Градежен институт македонија АД Скопје како член на група понудувачи.“

По отворањето на понудите, следуваше постапка за нивна евалуација, и по разгледувањето на документацијата и комплетноста на понудите во предвидениот рок се изврши изборот на најдобриот понуден квалитет и понудена цена и за Надзор и правен трансакциски советник за изградба на Коридор VIII и Коридор X-d беше избрана „IRD ENGINEERING“.

Изборот помина и на Управна контрола, а до Државната комисија за жалби по јавни набавки беа поднесени две жалби кои што Комисијата ги отфрли. Постапката и изборот беа согласно сите законски и подзаконски акти за јавни набавки и транспарентна од самиот почеток“, велат од јавното претпријатие.

Поврзани новости