Скопје

by Fokus

Во мојата душа и во моите очи, а верувам и во многу други души што израснале на скопскиот асфалт, Скопје живее и постои онакво какво што било отсекогаш, шармантно и убаво, неоптоварено и разиграно, едноставно наше…

Звонко ДАВИДОВИЌ

Рано утро, 5.30, сонцето полека го грее воздухот и скопскиот асфалт. Уште еден јулски врел ден во Скопје. Сè уште е тивко и над градот што се буди, небото е сино, прозрачно како некогаш. Ми се будат спомени од детството кога и градот и луѓето беа поинакви, едноставни, срдечни, спокојни и весели.

Имав среќа да се родам и да живеам во Скопје и да пораснам во неговите пазуви кога сè уште беше свој, шармантен, неоптоварен и убав. Многу од местата на кои сме „киснеле“ како клинци повеќе ги нема, а и Скопје одамна ја изгуби својата душа и волшепство. Од почетокот на Втора светска војна, па наваму, Скопје имаше 25 градоначалници, но не беа сите татковци на градот. Некои од нив му беа душмани, кои го обезличија, му ја зедоа душата и го направија психотичен, нагрден и безличен. Си поигруваа со неговата душа, неговото јадро и суштина, како што исфрустрирано дете постапува со своите играчки, пресликувајќи ги сликите од своите помрачени умови на пејзажот на Скопје.

СРЕЌНИ ВРЕМИЊА

Времето на моето детство беше едноставно и среќно време во кое можеби многу работи и немаше, а кои денес ги имаме, но се имавме себеси и се имавме еден со друг. Беше нормално и безбедно да излезеш со своите другари и да скиташ по сокаците и улиците најпрвин во населбата, а како растевме сè подалеку и подалеку.

Немавме „трек“, БМХ, имавме едно обично „пони“, кое немаше брзини и се склопуваше на пола, но возевме каде и кога сакаме, неоптоварени и безгрижни, затоа што тогаш не снемуваше деца, убиствата беа толку ретки што се изучуваа како феномен, а во тепачките најлошо што можеше да ти се случи беше раскрвавен нос или џумка на главата.

По скопските улици се движеа „фиќовци“, кои немаа клима, ниту многу простор, ниту голем багажник, но знаеја да нè однесат со родителите и сиот багаж до Јадран, со кренат заден капак за да не „прокува“ моторот. Патувавме стотици километри низ тогашната наша земја претоварени со куп ствари на кровот на „фиќото“, но бевме весели, среќни и насмеани, нешто што денес тешко можеш да го видиш на граничните премини во џиповите со клима и огромен простор.

Насмеаните лица ги заменија намргодени намќори незадоволни од сè, а најмногу од себеси. Телефонот беше вистинска реткост, па сиот комшилук доаѓаше да се јави кај роднини кога имаа мака или итна порака. Телевизорите беа црно-бели и имаше две програми, но можеше многу да чуеш и научиш од она што беше емитувано.

Натпреварите се гледаа заедно со пријателите и соседите и се навиваше бучно и жестоко, но достоинствено и од срце, а секоја победа се славеше до длабоко во ноќта, затоа што ја сакавме својата земја и својот народ. Бевме фасцинирани и маѓепсани кога во киното во Домот на ЈНА го гледавме во боја цртаниот „Снежана и седумте џуџиња“.

НЕМАВМЕ МОБИЛНИ ТЕЛЕФОНИ

Секој слободен миг се користеше за излет во природа, па Сарај, Четири воденички, Матка, езерото Треска, Марков манастир, Теферич, Катланово беа преполни со детски џагор, распалени скари и смеа на спокојни луѓе.

Од часови бегавме во „Слонче“ и таму го доживувавме најчесто првото пијанство со мастика или на „Љумфер“ брдото во Паркот. Во скопската Зоолошка градина можевме да видиме слон, жирафа, бели мечки и многу други животни, за кои денес можеме само да сонуваме.

Немавме мобилни телефони, но секогаш знаевме кој каде е и се наоѓавме кај чичко Стоилко, кој ги правеше најдобрите сендвичи. Излегувавме пред „Ани и Бони“, пред Камел или Маџо и се знаевме меѓу нас и се дружевме, без разлика дали си од „Орце“, „Корчагин“, ЈБТ( Јосип Броз Тито) или „Ѓорѓи“. Се забавувавме во дискотеките „Огниште“, „Мусандра“ или „Турист“, или седејќи на кејот на Вардар со пиво или сок во рацете. Разговаравме за сè и сешто, откривајќи го светот кој тогаш ни беше како на дланка, затоа што верувавме во себе, си верувавме меѓусебно, а ни веруваа и родителите и наставниците. Се гордееја со нас, со сите наши доблести и мани.

Сите се занимававме со спорт и бевме и физички и психички здрави. Металург, Југ, Вардар, Кале, Пролет беа само дел од скопските ракометни клубови, во кои трениравме и со гордост го носевме дресот. Тренерите како Зупче, кој нè тренираше во Металург, нè учеa за ракометот, но и за животот, а сето тоа го правea доброволно и со голема љубов.

Професорите што ни предаваа на тогашниот Правен факултет на УКИМ беа луѓе со огромен авторитет, познати и признати, не само во тогашна Југославија, туку и во европската правна мисла. Тие луѓе не ни го пренесоа само знаењето, туку и вербата во правото, еднаквоста и правдината. Нè учеа како да се справиме со правните, но и со животните дилеми и предизвици. Да можат да го видат она што денес се случува на Правниот факултет и, воопшто, во високото образование би се засрамиле.

СЕЛСКИ ПАНАЃУР

Некогаш уживавме во концертите што се одржуваа во Универзална сала, во која гостуваа многу познати и популарни солисти, групи, филхармонии. Бевме горди на она што го имавме и тежнеевме да го сочуваме за себе, за иднината, како доказ на нашето постоење, но и континуитетот на минатото, кој се протега некаде далеку во иднината. Но, дојдоа луѓе што ја носат малограѓанштината и комплексите на инфериорност, со омраза во себе и нечесност, желни за богатење и го срушија и запустија сето она што беше симбол на Скопје, ги исекоа дрворедите и го изгнасија градот со својата селска инфериорност. Од град со душа и шарм, Скопје полека стануваше селски панаѓур, налик на паланка од каде што и дојдоа барокните, ренесансни и рококо – опинкари.

Во Скопје некогаш се внимаваше на зеленилото и на изгледот, функционалноста на Градот и потребите на скопјаните. Се внимаваше и постоеше ред и закон, кој и под какви услови може да стане жител на Скопје, кој и каде може да гради. Токму затоа Скопје имаше зеленило и дрвореди, дишеше со полни гради, а секоја нова градба се планираше со години. Не беше можно некогаш да се градат цели кинески ѕидови, да се гради на кејот на Вардар, на плоштадот или на Водно. Но, некогаш за Скопје водеа грижа скопјани, кои внимаваа на изгледот и потребите на градот, а не некои што дошле вчера во Скопје, кои ниту го познаваат, ниту го чувствуваат, ниту им е гајле за него.

Сè помалку среќавам луѓе, кои наместо „во“ викаат „у“, наместо тупаница викаат бокс и наместо „што“ употребуваат „шо“, како што сè помалку останува она што Скопје го правеше град со душа и шарм. Сепак, во мојата душа и моите очи, а верувам и во многу други души што израснале на скопскиот асфалт, Скопје живее и постои онакво какво што отсекогаш било, шармантно и убаво, неоптоварено и разиграно, едноставно наше…

Поврзани новости