Добрица Силјановска, жена која со потекло од Тетово, која подоцна живеела во Скопје, а веќе со децении наназад нејзината адреса е во Берлин, Германија, заедно со нејзиниот посвоен син Александар е во потрага по неговата биолошка мајка.
Таа моментално е во Скопје, а за ,,Фокус” раскажува дека веќе со години трае нивната борба да се дознае биолошкото потекло на син и. Иако е можеби една од ретките мајки – посвоителки која му помага на синот да ја пронајде биолошката мајка, вели дека за неа тоа е чин на преголема љубов кон своето дете.
-Пред 50 години се преселив во Германија, но редовно си доаѓав во Македонија. Самата не можев да станам мајка, затоа се решив на чекорот да посвојам дете. Мојата мајка често знаеше да ми каже дека сака да доживее да слушне како и мене некој ми вика мамо, и самата бев свесна дека животот без дете нема да ми биде комплетен.
Документи за посвојување поднесов во Тетово пред многу години и безуспешно чекавме со години. Дури потоа, по многу борби, јавувања, молби, на крај ни се исполни желбата, ми јавија од Мајчин дом во Аеродром, Скопје, дека има момче на возраст од 11 месеци, кое можам да го посвојам.
Александар е роден на 26-ти февруари 1989 година во Скопје, а ние го зедовме од Мајчин дом на 9-ти јануари 1990 година. Името кое таму му беше дадено беше Роберт. Немаше никакви лични предмети оставено со него, облека или пак некаква играчка, било што за спомен од мајката. Си однесовме наша облека, го облекоа и ни го дадоа – појаснува Добрица.
Вели дека од информациите со кои располага, единствено што знае е дека биолошката мајка на Александар била студентка, а татко му бил оженет човек. Не знае дали мајката е од Скопје, или пак од внатрешноста на земјата.
-Човекот кој беше директор на Мајчин дом во тоа време можеби и имал повеќе информации, но тој е одамна починат. Откако ја започнавме потрагата по биолошката мајка, изодивме долг пат.
Баравме информации од социјалните служби, но ништо не ни кажуваа. Многумина ме прашуваат зошто го правам ова, јас како мајка посвоител, ме прашуваат нели се плашам дека син ми можеби ќе ме напушти ако си ја најде биолошката мајка, но верувајте ми, од се срце сакам да ја најдеме жената и да ја дознаеме вистината за корените на Александар – појаснува Силјановска.
Вели дека на Александар уште од најрано детство му кажала дека е посвоен. Цел живот биле многу блиски, тој бил вредно момче кое се стекнало со две универзитетски дипломи, работел како менаџер во компанија во Берлин.
-Кога како дете го носев во болница во Берлин, поради разни детски болести, се случуваше да не можам да одговорам на лекарските прашања поврзани со наследни, односно генетски болести. Им појаснував на лекарите дека е посвоен и дека ништо не знам во врска со неговата генетика, бидејќи законите во Македонија се такви.
Сега, кога Александар е веќе зрела личност и планира да оформи свое семејство, тој има право да ги знае тие податоци, кои секако ќе бидат важни и за неговите деца. Токму тоа е најголем проблем кога се посвојувањата во прашање, што се нема пристап барем до тие податоци.
Друга приказна е и правото да се знае дали има сестри и браќа, еден ден овие деца можат да стапат во контакт, без да ја знаат вистината, без да знаат во каква крвна релација се. Затоа, мора да се направат промени на овие застарени правила во Македонија, секој има право да ја знае вистината за себе –вели Добрица.
Раскажува дека син и имал голема желба да дознае дали има сестри и браќа, и таа била решена да му помогне на патот кон вистината.
-Од она кое ние си го претпоставуваме, мајката најверојатно во меѓувреме се омажила, сигурно има свое семејство, деца, и можеби нејзиниот сопруг не ни знае за детето кое го родила пред 32 години.
Ако го чита ова, и ветувам дека може да ми се јави и да биде сигурна дека доколку не сака, ние нема да кажеме никому ништо, ќе остане ова како наша тајна, само Александар да ја види, да ја запознае, да дознае дали има сестри и браќа и да се информира за генетиката. Таа како ќе одлучи, во таа насока ќе оди нивната врска, само да ни се јави – апелира жената.
Додава дека и таа и син и имаат разбирање за се, и се надеваат дека некој од читателите на ,,Фокус” ќе знае да каже нешто за случајот, дека ќе им помогне во потрагата.
-Многу луѓе кои ме познаваат знаат колку долго трагаме по вистината за корените на Александар. Разочарувачки е тоа што некои дури и се обиделе да допрат до пари од нашата мака, па сме слушнале многу невистини и имало лажни ветувања и приказни. Не чини на човечка мака да се печали, оти вистината е бесценета.
Со син сме многу блиски, тој и самиот често кажува дека имал среќа што токму јас сум неговата мајка која го одгледа со многу љубов и грижа.
Имам 70 години, сакам оваа приказна да се заврши со среќен крај, да му се исполни желбата на син ми. Ги замолувам сите кои имаат информација за случајот, да ми се јават на мобилниот број 076 825 808.
Би апелирала до сите родители во Македонија, кои посвоиле дете, да ги срушат предрасудите и да им помогнат на своите деца да дојдат до вистината за своите корени.
Децата, кога-тогаш ќе ја дознаат вистината, не дозволувајте тоа да го слушнат од непознати луѓе, туку вие лично кажете им. До институциите пак, би апелирала да се работи на промена на законите, оти човечко право е да си го знаеш биолошкото потекло – ни изјави Добрица.
Вики Клинчарова