Скопјанец утрово околу 6 часот ја нападнал сопругата со секира додека спиела во нивиот дом во населбата Дрма, а по неколку часа бил најден мртов во нива.
Според пријавата во СВР Скопје, откако ја нападнал жената, напаѓачот со возило заминал од дома. Жената која била на возраст од 57 години била пренесена во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош, каде ѝ биле констатирани тешки телесни повреди.
Околу 10 часот било пријавено дека во нива во населбата Дрма, во патничко возило „даеву ланос“, со скопски регистарски ознаки, напаѓачот бил најден починат со повреда на вратот.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било предадено за обдукција. Се работи на целосно расчистување на случајот и засега нема информации дали се работи за убиство или самоубиство.