Скокнал оптимизмот кај граѓаните по формирањето на новата Влада, покажува анкета на ИРИ

by fokus

Од само 5 проценти во март 2017, бројот на граѓани кои ја опишуваат внатрешната политичка ситуација како „мирна и стабилна“ скокнал на 44 проценти во август годинава, покажува новата анкета на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ). Анализата, велат од таму, открива драматичен пораст на оптимизмот во врска со политичката ситуација во земјата и изгледите за членство во ЕУ.

-Додека претходните анкети на ИРИ одразуваа длабока вознемиреност и песимизам во врска со стабилноста и траекторијата на Македонија, резултатите од ова истражување се многу охрабрувачки. Новата влада треба да го препознае ова како можност да ја поврати довербата на граѓаните на Македонија и да преземе суштински мерки за решавање на прашањата кои се од најголема грижа за граѓаните. – вели регионалниот директор на ИРИ за Европа, Јан Сурочак.

Процентот на оние кои ја опишуваат моменталната состојба како „напната и неизвесна“ паднал за 18 проценти (62 проценти во март 2017; 44 проценти во август 2017), а бројот на оние кои ја нарекуваат ситуацијата „критична и нестабилна“ бележи пад од 22 проценти (32 проценти во март 2017; 10 проценти во август 2017).

Македонските граѓани, исто така, изгледа дека се пооптимистични по прашањето  за изгледите за пристапувањето кон Европската Унија. Бројот на оние кои мислат дека земјата сега е поблиску до пристапувањето во ЕУ отколку кога го доби кандидатскиот статус, скокна од само 13 проценти во март 2017 година на 41 процент. Поддршката за членството во ЕУ и понатаму е силна на 77 проценти – подобрување за 5 проценти од март 2017 година.

-Обновеното чувство на стабилност што се рефлектира во истражувањето, исто така, може да допринело за пооптимистички поглед кон економијата. Триесет и три проценти сега веруваат дека економијата ќе се подобри во текот на следните две години – зголемување за 12 проценти од март 2017. Исто така, се чини дека песимизмот во однос на квалитетот на животот во Македонија е намален: бројот на испитаници кои сметаат дека нивниот квалитет на живот се влошува, се намалил од 38 проценти во март 2017 на 24 проценти – велат од ИРИ.

Анкетата била спроведена од 4 до 21 август 2017 година преку интервјуа лице-во-лице на примерок  од 1.105 испитаници.

Поврзани новости