„Скопје 2014“ е вирус, прво треба да го ставиме под карантин и да го третираме изолирано, рече Алаѓозовски

by fokus

Петчлена работна група се уште ја подготвува анализата за објектите од проектот „Скопје 2014“, а првата верзија која ќе опфати неколку градби, меѓу кои и споменикот на Андон Јанев Ќосето пред судска палата, ќе биде разгледана откако министерот за култура, Роберт Алаѓозовски и премиерот Зоран Заев ќе се вратат од своите службени патувања. Експертите ќе треба да понудат неколку решенија за иднината на објектите, а Владата ќе одлучи што да се прави со нив.

-Бидејќи се работи за сложен проект, кој се состои од илјадници споменици, на проблемот му пристапуваме многу внимателно. Овој проект не е вклучен во новата стратегија за развој на културата. Го сметаме за вирус, и затоа треба прво да го ставиме во карантин и да го третираме изолирано – рече министерот на денешното презентирање на отчетот за сработеното во првите 100 дена во Владата.

Работната група ќе му пристапи на проектот по фази. Во првата фаза приоритет ќе бидат најспорните градби, за кои и јавноста побарала итна реакција. За овие градби Владата ќе одлучува откако Заев ќе се врати од службениот престој во Њујорк, а Алаѓозовски од Кина.

Одговарајќи на новинарски прашања министерот рече дека во некои културни установи затекнал превработеност. Што се однесува до Министерството, рече тој, нема нови вработувања, освен две во кабинетот на министерот каде е ангажирано едно лице за прашања од правна природа и едно за секторот односи со јавност.

Поврзани новости