Ски центарот Кожуф пропаѓа, оти нема кој да го расчисти патот: По еден камен на ден да се подигаше, ќе се расчистеше!

by Fokus
Сопствениците на објекти во скијачкиот центар Кожуф ќе ги тужат ,,Македонија пат’’, агенцијата за одржување на патишта и сите надлежни институции кои во изминативе години ги игнорирале нивните поплаки и барања да го чистат и одржуваат патот до центарот, бидејќи бил непрооден поради одрони и врнежи од снег, со што скијачкиот центар не можел да започне да фунционира.

Голем дел од сопствениците на објекти на Кожуф се жалат дека инвестирале огромни суми на пари во угостителски објекти, вили или апартмани, но поради нерасчистениот пат тие биле затворени и пропаѓале.

Фудбалерот Горан Мазнов ги вложил своите финансии заработени од фудбалот во угостителски објект, односно мотел од 600 метри квадратни, со девет апартмани и една вила. Сепак, не можел да ги посети бидејќи патот, и по сите негови обраќања до ,,Македонија пат’’ и до фондот за патишта, останал нерасчистен.

-Секоја години исто зборуваме. Со години не сум видел некаква машина да работи на патот до скијачкиот центар. На околу пет места патот е пропаднат токму поради тоа што не се расчистува. Секој ден по еден камен да се подигаше, сега патот ќе беше чист – тврди тој.

Ѓорѓи Фидановски, исто така имал угостителски објект со 12 апартмани. Вложил многу, а апартманите пропаѓале затворени.

-Девет години трпиме штети. Прво имавме опструкции со стујата. Тој проблем се надмина, а сега продолжува проблемот со нерасчистениот пат. Пропаѓа целата инфраструктура на скијачкиот центар поради негрижата на институциите – вели тој.

Голем број на граѓани во минатото купиле плацеви, со цел да изградат угостителски објекти или викендички, но непроодниот пат не дозволувал да започнат со изградба на планираните објекти. И покрај големиот туристички потенцијал, ски центарот никако да започне да функционира. Затоа сопствениците во очај, се решиле да ги алармираат медиумите, надевајќи се дека нивната порака ќе допре до надлежните и конечно ќе се превземат мерки за решавање на нивниот проблем.


Директорот на „Македонија пат“, Гајур Кадриу, во телефонски разговор за регионалната телевизија КТВ изјави дека патот до скијачкиот центар е лошо трасиран и поради тоа истиот е проблематичен. Што се однесува до расчистувањето на снегот, нагласи дека нивна механизација интервенирала на 10 и 11 март. Снегот бил расчистен до рампата за влез во центарот, бидејќи до таму имале налог да расчистуваат.
Вики Клинчарова

 

Поврзани новости