Зошто претседателката на Врховниот суд ја затвори седницата на која се анализираа годишните извештаи во судството? Од кого се крие Лидија Неделкова? Иако Деловникот на Врховниот суд дозволува седницата да се одржува во тесен состав и да биде затворена сепак темата и декларираните заложби за независно и транспарентно судство не го дозволуваат тоа. Но тоа е спротивно и на практиката- до сега секоја година овие седници беа отворени и јавни.
Со денешното однесување Неделкова направи неколку преседани незабележани во историјата на македонското судство. Имено, седницата на која Врховниот суд ги разгледува годишните извештаи за работата на судовите до сега беше целосно отворена за медиумите со можност да снимаат и тонски. Денеска не беше така. Медиумите не ни беа известени дека има таква седница, иако е неопходно нивното присуство оти годишните извештаи се директниот приказ како функционирале судовите во текот на годината- колку предмети имале, колку решиле, колку им останале. Практично извештатите преставуват целосна статистика низ бројки за успешноста на судовите, а со тоа се крои оценката за судскиот систем. Зошто Врховен го крие тоа?
Дури и некои новинари кои дознале дека има седница и се обиделе да влезат на седницата им било сугерирано од судската полиција дека мора да заминат и дека не е одобрено нивно присуство.
Понатаму, на седницата се разгледуваат извештатите на буквално сите судови во државата, но тука е направен вториот преседан- не е повикан ниту еден претседател на основните судови, туку само на апелационите. Зошто врховните судии се кријат од основните? Дали стравуваат од критики за управувањето со судството или пак од обвинувања дека извештаите не одговарат на реалната состојба? Дали Неделкова не може повеќе да толерира како судиите и се жалат дека немаат елементарни услови за работа? Нејасно остана како може да се анализира извештај на основен суд, а тој суд да нема преставник?
Минатата година претседателот на Кривичниот суд Владимир Панчевски и се спротивстави на Неделкова со сериозни обвинувања и забелешки за оценките на работата на неговиот суд. Дали тој инцидент е причина на седницата во Врховен да се повикаат само апелационите претседатели, а не и основните, како што беше пракса во изминатите 20-тина години.
На крајот, третиот преседан е што ваквите седници Врховен го одржуваше некаде во март, а сега од непознати причини задоцни три месеци. Секако, после ова логично е прашањето што крие Врховниот суд од јавноста? Како може да зборуваат за независно и транспаретно судство кога ги сокрија извештатие за работата на судовите?
Фокус зборуваше со шефицата на кабинетот на Неделкова која само кратко изјави дека се е во согласност со Деловникот на судот и дека доволни биле судиите од апелационите судови, а немаше повеќе информации за одговори на сите наши прашања и не упати кај портпаролката. Таа пак не можеше да одговори ништо самата, туку морала да се консултира со претседателката, а потоа ќе одговори. Кога, не знаеме, а прашавме за медиумите, за отсутните претседатели, но и за кавгите кои се случиле на седницата, особено жестока била таа меѓу Неделкова и еден врховен судија.