Скандалозно е да се чуваат кучиња во лимени боксови – Анима Мунди против новиот стационар во Штип

by fokus

Откако завчера штипскиот градоначалник Благој Бочварски се пофали со отворање на стационар за бездомни животни, за кој општината одвоила милион денари, со своја реакција се јавија и од здружението за заштита на животните Анима Мунди.

Според нив, лимените боксови во кои треба да бидат сместени животните се сосема неадекватни за намената, бидејќи во тек на лето ќе бидат вжештени од високите температури.

Апелираат на хуман третман на животните и тврдат дека лимените боксови не ги исполнуваат стандардите дефинирани со Правилникот за технички услови на прифатилиштата. Исто така, обвинуваат дека ветеринарната станица ДОО Штип со која бил склучен договорот, во минатото тие ја пријавиле за нехуман третман на бездомни животни и бараат раскинување и ревизија на сите договори кои општина Штип ги склучила со истата.

-Дека е во план хуман третман не веруваме во ниту еден случај сега откако е информирано со која ветеринарна станица е договорен третманот на животните. Со договор склопен во четири очи, без тендер, Ветеринарна станица ДОО Штип спроведува наводен хуман третман на бездомните кучиња. ОВА СЕ ИСТИТЕ ТИЕ ЗА КОИ ИМАШЕ СВЕДОШТВА И ДОКАЗИ, кои ги пријавивме за брутално и масовно убивање на кучињата пред неколку години! ФОТОГРАФИИТЕ ПОВТОРНО за да ја потсетиме јавноста што се случуваше во градот, кога „за хуман третман “ на Штипските кучиња беше задолжен Крсте Митев и ветеринарна станица ДОО Штип! Компромитирани ветеринари на кои наместо најстрого да им се суди, наместо да дозволата за работа им биде одземена за трајно, повторно ќе им судат на животните! БАРАМЕ ИТНО РАСКИНУВАЊЕ НА СИТЕ ДОГОВОРИ направени на исклучително нетранспарентен начин помеѓу општина Штип и ветеринарна станица, ревизија на истите! БАРАМЕ АХВ и Ветеринарна Комора да ја ревидираат можноста вакви ветеринари да работат воопшто, откако сториле дело казниво со закон! Со вака нарушената репутација оваа ветеринарна станица не смее да биде земена во предвид. Му порачуваме на Крсте Митев да ги тргне рацете од кучињата затоа што јавноста не е слепа и ќе бараме одговорност за секое убиено куче! –реагираат од Анима Мунди.

Вики Клинчарова

Поврзани новости