Илјадници песни на наши поп и фолк пејачи деновиве биле избришани од интернет каналот Јутјуб, бидејќи биле плагијати, односно песни кои биле превземени и преснимени без дозвола од продукцијата која ги поседувала авторските права.
Како што дознава „Фокус“ српската продукција „Вејв Ентертејнмент“ до надлежните служби во Јутјуб доставила листа со видеата за кои поседува авторски права, а без дозвола биле преснимени и преземени од наши музичари, по што видеата биле избришани. Даниела Темелковска, Влатко Миладиновски, Татијана Стефановска, Ѓоко Јовиќ, ,,Анеат Арсовска, група Молика, Дрим тим, Респекти, Екстра бенд и многу други музичари се нашле на црната листа и нивните видеа не се повеќе достапни на Јутјуб.
Исто така, се подготвувала и групна тужба од авторите чии песни биле нелегално преснимени, со цел да си ги остварат авторските права за во иднина да не се продолжи со старата пракса – градење на кариера и заработување од музика за која се немаат откупено авторските права. Од естрадни кругови дознаваме дека наши пејачи, поради завист неретко самите си ги пријавувале колегите плагијатори кај продукциите кои имале авторски права за одредена песна. Помеѓу наши музичари се коментира дека ова е всушност војна поради конкуренција, помеѓу самите пејачи, кои еден со друг се клеветеле.
-Снимаат кавери на некоја песна, без воопшто да побараат дозвола или да го контактираат оригиналниот изведувач, ги игнорираат авторите, се снимаат плагијати. Денес веќе и самиот Јутјуб ги препознава ритмовите, па и да не е целата песна плагијат, туку само одреден дел, се случува веднаш да се тргне од каналот. Сето тоа е во ред, но се има случено да бидат избришани и стари народни песни, чиј автор е непознат, а ги препеале многу наши пејачи. Избришани се песните ,,Облаче ле бело’’, ,,Судбо моја’’, ,,Лилјано моме’’ и други, кои ги изведуваат повеќе музичари. Некои продукции си ги ставиле под нивна заштита, и можат да се вратат во етер на каналот единствено ако се докажат авторските права – раскажува нашиот соговорник, продуцент во позната музичка продукција.
,,Фокус’’ ја контактираше српската продукција ,,Вејв ентертејнмент’’ по електронски пат, со цел да дознаеме повеќе детали за нивната акција со барањето за бришење на илјадници песни отпеани од наши пејачи, за кои не поседувале авторски права, но никој од продукцијата не одговори на нашите прашања.
Вики Клинчарова