Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан за МИА изјави дека се надева оти овој извештај ќе биде дополнителна мотивација да се реши спорот со името и предупредува од ризиците за несталбилност на регионот доколку тој не се интегрира во ЕУ.

По објавувањето на извештајот за напредок на Македонија кон ЕУ, еврокомесарот Хан во кус разговор за МИА порача дека оваа чиста препорака треба да биде мотивација за реформите како и за името.

– Сега е важно процесот да продолжи и оваа прилика да биде искористена за да се продолжи со реформскиот напредок. Главните забелешки до властите се дека тие треба да се справат со корупцијата, да ги завршат прашањата кои се дел од итните реформски приоритети и да дојдат до конечно решение за името, изјави Хан, додавајќи дека се надева дека “денешната одлука ќе биде уште една силна мотивација да се дојде до договор за спорот за името и да се изоди последната милја.“

Еврокомесарот одби да ги коментира можностите Македонија да добие зелено светло за преговори до јули, објаснувајќи дека министрите на ЕУ сега “треба да седнат и да го анализираат нашиот извештај“. Еден од најголемите проблеми во ЕУ е отпорот на голем број земји членки кон процесот на проширување на Унијата. Но комесарот Хан останува оптимист.

– Ако ја земам мојата земја, имаше скоро анкета на јавното мислење и поддршката за проширувањето на ЕУ расте. Мнозинството се уште не е за проширување, но фактот што поддршката расте е доказ дека јавната дебата е се поинтензивна, дека има освестување на ова тема, кои се бенефитите од ова. Или ќе извезуваме стабилност или ќе увезуваме нестабилност. Тие цели можат да бидат реализирани само ако им помогнеме на земјите да ги постигнат европските стандарди.

Хан на овој начин ја потврдува пораката на неговиот шеф, претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, дадена денеска дека треба да се интегрира регионот заради стабилност.

-Да, се разбира дека има ризик од нестабилност во регионот, јас тоа секогаш сум го велел но со други зборови. Има кревкост во регионот, европската перспектива придонесува за помирување, подобри соседски односи, ЕУ е стабилизирачкиот фактор, изјави Хан за дописникот на МИА од Стразбур.

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.