СЈО: Секој граѓанин може да ни испрати барање за да провери дали бил прислушуван

by fokus

Секојдневно расте бројот на барања кои граѓаните ги упатуваат до ова Јавно обвинителство, а се однесуваат на незаконски следени телефонски броеви, информираа денеска од Специјалното јавно обвинителство.

-До денес пристигнати се вкупно 81 барање со кои граѓаните се интересираат дали нивните телефонски броеви биле предмет на незаконско следење на комуникациите. Барањата се однесуваат за вкупно 245 телефонски број. Во оваа прилика ја известуваме јавноста дека секое заинтересирано лице може да упати писмено барање до ова Јавно обвинителство во кое ќе го наведе телефонскиот број или телефонските броеви за кои се сомнева дека биле предмет на незаконско следење на комуникациите. Во барањето потребно е да бидат наведени и имињата на лицата кои ги користеле ваквите телефонски броеви и контакт податоците за лицата. Барањата можат да бидат доставени лично, по пошта или по електронски пат, велат од СЈО.

По однос на сите досега поднесени барања за проверки на телефонски броеви од СЈО велат дека истрагата е во тек и кога ќе бидат обезбедени сите докази, подносителите на барањата ќе бидат известени за резултатите од истрагата. Во оваа насока појаснија дека лицата за кои ќе се утврди дека користеле телефонски броеви кои биле предмет на незаконско следење на комуникациите, како и лицата за кои ќе се утврди дека биле соговорник на незаконски следен телефонски број ќе бидат повикани во својство на оштетени лица.

-Воедно, имајќи предвид дека од претставници на повеќе медиуми беше изразен интерес за работата на ова Јавно обвинителство по повеќе предмети, ја известуваме јавноста дека наскоро ќе информираме за нашата работа и ќе обезбедиме податоци како за одредени предистражни постапки и истражни постапки, така и за други предмети кои се во работа во ова Јавно обвинителство, како што е предметот познат во јавноста како „Пуч“, соопштија од СЈО.

 

Поврзани новости