СЈО се жали на одлуката на судот да не одреди притвор во случајот Поштенска банка

by Фокус

Од Специјалното јавно обвинителство велат дека поднеле жалба до кривичниот совет откако не им беше одреден 30-дневен притвор на Ратко Димитровски и Томе Главчев, додека одлучила да не се жалат на одлуката за третоосомничениот за финансиски криминал во случајот „Поштенска банка“ – Коле Смилевски.

Инаку, судија на претходна постапка одлучи на првиот генерален директор на Поштенска банка, Смилевски да му го одземе пасошот, додека нему и останатите двајца, Димитровски и Главчев, ги обврза да се јавуваат во суд за да докажат дека ќе бидат присутни во земјава.

-За Смилевски нема да се жалиме бидејќи веќе му е одземена патната исправа, а за Димитровски и Главчев бараме притвор бидејќи веќе влијаеле врз сведоци, поседуваат голем имот и често патуваат во странство поради што постои опасност од бегство – појаснуваат од СЈО.

Како што е веќе познато, истрага „Поштенска банка“ опфаќа деветмина осомничени, кои според СЈО, од 2001 до 2010, прибавена имотна корист од 5 милиони евра за приватни фирми, преку финансиски проневери во Поштенска банка.

Тогашниот премиер Љупчо Георгиевски, министер за финансии Никола Груевски и вицепремиер Марјан Ѓорчев се спасија од кривична одговорност, оти делото злоупотреба на службената положба во меѓувреме застарело.

Поврзани новости