Од Специјалното јавно обвинителство велат дека поднеле жалба до кривичниот совет откако не им беше одреден 30-дневен притвор на Ратко Димитровски и Томе Главчев, додека одлучила да не се жалат на одлуката за третоосомничениот за финансиски криминал во случајот „Поштенска банка“ – Коле Смилевски.
Инаку, судија на претходна постапка одлучи на првиот генерален директор на Поштенска банка, Смилевски да му го одземе пасошот, додека нему и останатите двајца, Димитровски и Главчев, ги обврза да се јавуваат во суд за да докажат дека ќе бидат присутни во земјава.
-За Смилевски нема да се жалиме бидејќи веќе му е одземена патната исправа, а за Димитровски и Главчев бараме притвор бидејќи веќе влијаеле врз сведоци, поседуваат голем имот и често патуваат во странство поради што постои опасност од бегство – појаснуваат од СЈО.
Како што е веќе познато, истрага „Поштенска банка“ опфаќа деветмина осомничени, кои според СЈО, од 2001 до 2010, прибавена имотна корист од 5 милиони евра за приватни фирми, преку финансиски проневери во Поштенска банка.
Тогашниот премиер Љупчо Георгиевски, министер за финансии Никола Груевски и вицепремиер Марјан Ѓорчев се спасија од кривична одговорност, оти делото злоупотреба на службената положба во меѓувреме застарело.