Специјалната јавна обвинителка Фетиме Фетаи, во рамки на излагањето за истрагата „Моќник“ против неколку лица на чело со пратеникот Антонијо Милошоски за незаконска продажба на имот во Македонски Брод на неговиот татко, истакна дека тој нарачал лустрација против кичевски судија.
Имено, станува збор за судијата Драги Билески, кој, според Фетаи, постои основано сомнение дека бил лустриран по нарачка на Милошоски бидејќи сметал дека го штити градоначалникот на Пласница Исмаил Јахоски.
Инаку, Јахоски се спротивставил на продажбата на објектот во Македонски Брод на таткото на Милошоски бидејќи таму била сместена администрацијата на Пласница, па реагирал во владата, која формирала комисија што констатирала низа неправилности при продажбата.
Како што истакна Фетаи, првоосомничениот пратеник нарачал инспекциски контроли во компанијата на Јахоски – Пуцко Петрол, но и лустрација на судија што сметал дека го штити.