СЈО го повлече обвинението за „Пуч“

by fokus

Специјалното јавно обвинителство утринава соопшти дека го повлекува обвинението во случајот „Пуч“, бидејќи, како што велат, тоа е целосно спротивно на доказите со кои располагаат.

-Ова Јавно обвинителство со поднесок што во текот на денешниот ден ќе биде доставен до Основниот суд Скопје 1 Скопје, се откажа од обвинителниот акт за предметот познат во јавноста како „Пуч“ од причина што фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт е во спротивност со доказите со кои ова Јавно обвинителство располага и со наодите во истражните постапки „Таргет“ и „Тврдина“, стои во соопштението на СЈО.

Тие велат дека ваквата одлука е со цел да се приберат дополнителни докази што во целост ќе ја разјаснат фактичката состојба и ќе овозможат донесување на правилна и законита јавнообвинителска одлука.

-Појаснуваме дека, во насока на професионално работење, ние не може да застапуваме обвинителен акт кој е во спротивност со доказите со кои располагаме и истрагите отворени од наша страна. Воедно укажуваме дека со откажување од обвинителниот акт во предметот „Пуч“ ние не прејудицираме дали некој е невин или виновен, туку сметаме дека за целосно и точно утврдување на фактичката состојба, потребни се дополнителни докази, кои не можат да бидат прибавувани во фазата на главна расправа, објаснуваат од СЈО.

Обвинителниот акт за предметот „Пуч“ беше поднесен од Основното јавно обвинителство на чело со Марко Зврлевски, а потоа предметот беше предаден на СЈО. Во обвинението од ОЈО, за неовластено прислушување беа обвинети лидерот на СДСМ, Зоран Заев, Зоран Верушевски, поранешен прв човек на ДБК, неговата сопруга Соња Верушевска, Ѓорѓи Лазаревски, поранешен вработен во МВР и струмичанецот Бранко Палифров.

 

Поврзани новости