Во Кривичниот суд денеска им се судеше на поранешниот премиер Никола Груевски, екс министерот Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и екс директорот Љупчо Георгиевски, за изградбата на двата автопата, во случајот на СЈО „Траекторија“.
Обвинетите негираа вина, а обвинителите од СЈО побараа да се огласат за виновни, истакнувајќи дека нивната кривична одговорност ќе се докаже од многубројните докази, како и 315 разговори од „бомбите“.
‘Еве го воведниот говор на СЈО за „Траекторија“ во целост:
Почитувани судии, Начинот на трошењето на буџетските средства од страна на државните органи и другите институции кои имаат јавни овластувања, детално е регулиран во одредбите на Законот за јавни набавки. Овој закон предвидува водење на постапка за јавна набавка за секое купување стоки, услуги или за изведување работи, со неколку исклучоци кои прецизно се наведени во самиот закон.
Повод за започнување на кривичната постапка по овој предмет против обвинетите Никола Груевски, Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски беше содржината на јавно објавените, но и на необјавените телефонските разговори и СМС пораки од кои произлегува дека при изборот на компанијата, која денес ги гради автопатните делници Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип, биле повредени законските прописи кои го регулираат начинот на вршење на јавните набавки. Во еден од јавно објавените разговори воден на 05.04.2013 година, слушнавме како тогашниот министер за финансии му пренесува на тогашниот министер за внатрешни работи дека сега обвинетите Владимир Пешевски и Миле Јанакиески или, како што во разговорот ги ословува, Миле и Владо, треба да направат нешто незаконско, да потпишат договор со кинеска компанија што ќе ги гради патиштата без тендер.
Тргнувајки од содржинате на овој разговор и содржината на другите, јавно објавени но, и необјавени разговори поврзани со изборот на компанијата која ги гради автопатите, беа прибавени голем број докази врз чија основа беше поднесено и обвинението по кое постапуваме денес. Од содржината на материјалните докази, од извршените вештачење, од изјавите на сведоците, како и од содржината на телефонските разговори и СМС пораки, ќе ги докажеме фактите изнесени во обвинението, односно: Ќе докажеме дека обвинетиот Никола Груевски, мотивиран од „5 на целото…“, како што слушнавме во јавно објавените разговори, го искористил своето реално влијание и службената положба како премиер и побарал од обвинетите Владимир Пешевски, кој ја вршел функцијата вицепремиер задолжен за економски прашања, и Миле Јанакиески, кој бил министер за транспорт и врски, да извршат избор на фирма која ќе ги гради автопатните делници без спроведување на постапка за јавна набавка.
Ќе докажеме дека иако на обвинетите Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски, кој ја вршел функцијата директор на ЈП за државни патишта им било познато дека не можат да го применат чл.9 од Законот за јавни набавки, односно да ја исклучат примената на овој закон, во месец ноември 2012 година во договор со обвинетиот Никола Груевски проектната документација ја дале само до компаниите S.C.L. и C.W.E. со кои претходно потпишале меморандуми.
Од доказите кои ќе ги изведеме на главната расправа ќе се види дека на вакавото постапување регаирала дури и кинеската амбасада. По доставените понуди обвинетите Владимир Пешевски и Миле Јанакиески започнале со преговори, најпрво со двете компании, но потоа на барање на обвинетиот Никола Груевски, како што слушнавме и во објавените разговори, ја прекинале комуникацијата со CWE. Потоа, на ден 22.02.2013 година во нетранспарентна и неконкурентна постапка обвинетите Владимир Пешевски и Миле Јанакиески и за двете автопатни делници ги прифатиле понудите на компанијата S.C.L .
Понудите по кои преговорите ги завршиле на 22.02.2013 година во електронската евиденција на ЈП за државни патишта биле заведени подоцна, како да се примени на 27.02.2013 година. Договорите за градење на двете автопатни делници во месец мај 2013 година, на барање на обвинетиот Никола Груевски, обвинетите Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски ги потпишале како усогласени договори, за што всушност се однесува и погоре цитираниот разговор помеѓу З.С. и Г.Ј. Од дописите кои лично обвинетите ги доставиле до „Ексим“ банката како и од содржината на стенограмите од седниците на тогашната Влада на Република Македонија, ќе докажеме дека обвинетите биле свесни дека немаат законска основа да започнат со преговори, а уште помалку да извршат избор на изведувач на работите.
Според Законот за ратификција на Договорот за економска и техничка соработка во областа на инфраструктурата меѓу Владата на РМ и Владата на Народна Република Кина нужно било прво да биде донесен посебен закон со кој ќе се регулира процедурата како ќе се врши избор на вршителот на работите, па потоа да започнат со постапка за избор на изведувач, а до донесување на таков закон биле целосно свесни дека важи Законот за јавни набавки. Неспорно е дека таков закон, иако според разговорите бил во подготовка како варијанта, никогаш не бил предложен и донесен.
Она што немаше да го дознаеме до колку не беа разговорите заради кои е и основано СЈО, е фактот дека копанијата C.W.E. за автопатот Кичево – Охрид на 28.02.2013 година доставила дополнителна понуда со пониска цена од компанијата Синохидро за износ од 4.800.000 евра. Иако обвинетите Миле Јанакиески и Владимир Пешевски биле свесни дека новата понуда е многу пониска, почитувајќи го она што од нив било побарано, од обвинетиот Никола Груевски да ја изберат понудата на Синохидро, ваквата нова пониска понуда не ја доставиле до ЈП за државни патишта за да биде заведена во деловните книги иако никаде не постоел рок до кога треба да се поднесуваат понуди. Не постои ниту писмено известување до C.W.E дека нивната прва, ниту нивната дополнителна пониска понуда, не е прифатена.
Ќе докажеме дека за да му дадат правна рамка на веќе извршениот незаконски избор на изведувач, на ден 10.10.2013 година, по претходни консултации со обвинетиот Никола Груевски, обвинетиот Владимир Пешевски, во име на Владата на РМ како предлагач и обвинетиот Миле Јанакиески како владин преставник, до Собранието на РМ доставиле предлог Закон за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, во кој како компанија која ќе ги гради автопатите ја определиле компанијата S.C.L. и за двете автопатни делници кон кој предлог ги доставиле усогласените и парафираните договори со компанијата S.C.L., лажно прикажувајќи дека понудата на компанијата S.C.L. е најповолна понуда, прикривајќи ја пониска понуда од 4.800.000 евра на C.W.E. за автопатот Кичево – Охрид.
Откако бил изгласан Закон за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, обвинетите Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски ги заокружиле своите дејствија со повторно потпишување на договорите за изградба на автопатите и за компанијата S.C.L. прибавиле имотна корист во износ од најмалку 155.117.256 евра, за кој износ му нанеле штета на Буџетот на Република Македонија. Износ од најмалку 155.117.256 евра е утврден со извршеното вештачење и преставува разлика помегу цената која ѝ ја плаќаме на кинеската компанија S.C.L за двете автопатни делници и цената за истата работа која компанијата S.C.L ја плаќа на подизведувачите, кои фактички ги градат двете авопатните делници, а во која корист не е вклучена заработувачката од работите кои ги гради самата компанија S.C.L. Ваквата огромна разлика во цените е резултат од повреда на Законот за јавни набавки и извршениот избор на изведувач во нетранспарента и неконкурента постапка .
Од доказите кои ќе бидат изведени на главната расправа, ќе докажеме дека обвинетиот Никола Груевски сторил кривично дело Примање награда за противзаконито влијание од чл.359 ст.2 од КЗ, а обвинетите Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.1 и чл.22 од КЗ поради што Судот по завршувањео на главната расправа ќе ги огласи за виновни и ќе ги казни согласно законот.