Специјалното јавно обвинителство (СЈО) денеска поднесе Барање до Врховниот суд за изземање на претседателот на судот, Јово Вангеловски, за да не постапува по предметот кој се однесува за притворот на бизнисменот Сеад Кочан. Имено, неодамна Јавното обвинителство, со кое раководи Марко Зврлевски, до Врховниот суд поднесе барање за заштита на законитоста со кое се бара укинување на решенијата со кој му е определен притворот на Кочан.
Оттаму информираат дека бараат изземање на претседателот на овој Суд бидејќи тој е опфатен во јавно објавените телефонски разговори и тоа во период кога исто така ја извршувал функцијата претседател на Врховниот суд.
-Во согласност со препораките на Европскиот суд за човекови права, непристрасноста на судот е една од основните гаранции на правото на правично судење, така што секое сомнение за пристраснот треба да биде отстрането, велат од СЈО.
Оттаму прецизираат во прислушуваните разговори Вангеловски, додека е на функцијата претсетадел на Врховен суд, разговара со екс министерот Јанакиески за случајот „Глобал“.
-Стравувањата околу непристрасноста на судијата Вангеловски се засноваат врз јавно објавениот разговор со екс министерот Јанакиески за случајот „Глобал“, а во време кога е претседател на Врховниот суд. Овој разговор ја доведува во прашање непристрасноста на судијата Вангеловски да постапува по ваков тип на предмети, поради постоење на реална опасност од неговата претходна заинтересираност за решавање на предметот во определена насока, напишала обвинителката Катица Јанева во Барањето за изземање.
Вангеловски неодамна седна на претседателското столче на Врховниот суд, по што за интервју за Телевизијата 24 призна дека гласот во бомбите е негов, односно неговиот разговор со екс министерот за труд и социјална политика Миле Јанакиески е веродостоен.
Прашан за кумството со Трајко Велјановски, пак, Вангеловски на новинарката и одговори: Можам и вам да ви бидам кум ако сакате, важна е професионалноста.