Сите затвореници во Струга имале клуч од ќелиите

by fokus

Откако се обелодени дека тимот за мониторинг на Хелсиншкиот комитет и на Здружението на Млади правници не успеале да влезат во една од ќелиите во затворот во Струга, бидејќи затворениците ја заклучиле и си заминале на работа, а затворската полиција немала резревен клуч, директорот на затворот Ваљон Ќуља вели дека пропустот е надминат.

-Се работи за редовна посета од Хелсиншкиот комитет реализирана во јули 2022. При посетата тимот ги посети и собите каде престојуваат осудените лица. За сите соби осудените лица се задолжени со клуч, а резервниот стои кај затворската полиција. Две од собите биле заклучени, а во моментот поради случаен пропуст резервните клучеви не биле кај дежурните затворски полицајци, појаснува директорот Ќуља за „Фокус“.

Тој вели дека пропустот веднаш бил надминат.

-Тоа и усно беше укажано од тимот на Хелсински комитет, а веќе следниот ден пропустот е веднаш исправен и клучевите се комлетно кај затворската полиција. Соработката со Хелсиншкиот комитет е на одлично ниво и секогаш нивните забелешки се прифатени и тоа за што било укажано веднаш е постапено, додава Ќуља.

Ваквата невообичаена состојба беше посочена во извештајот на Хелсиншкиот комитет за условите во затворот.

-На мониторинг тимот не му беше дозволено да види една од собите на осудени лица кои беа излезени на работа на фирма. Иако на заменик- директорот му беше предочено дека тимот има дозвола за непречен пристап до сите простории од страна на Управата, заменик-директорот информира дека на осудените лица им е дозволено да си го земат со себе клучот од собата, а вработените во установата немаат резервен клуч, се наведува во извештајот на Хелсиншкиот комитет, објавен на 6 декември.

Од Хелсиншкиот комитет велат дека не можат да откријат кои осуденици биле сместени во ќелијата која била заклучена, но дале препораки дека не смее на овој начин да се ограничува влезот на претставниците на граѓанскиот сектор. Оттаму посочија дека КПУ Струга не смее да дозволи осудените лица кои работат надвор од установата да имаат клуч од собата, а установата да не располага со резервен клуч.

За време на посетата која била извршена кон крајот на јули во затворот беше сместен и бизнисменот Орце Камчев, како и Зоран Милевски -Кичеец, а подоцна беа спроведени и Сашо Мијалков и Ненад Јосифовиќ.

Како што дознава „Фокус“, денеска во затворот во Струга се врши вонреден надзор од страна на Управата за извршување на санкции. Надзорот беше најавен откако вчера во Кривичниот суд не беше спроведен Сашо Мијалков на рочиштето за „Титаник 2“.

-Во врска со постапката за спроведување на Сашо Мијалков од КПД Струга на повторено судење за случајот ,,Титаник 2” ве информираме дека Управата за извршување на санкции ќе ги преземе сите активности кои се во нејзина надлежност и ќе направи вонреден надзор во установата за утврдување на фактичката состојба. Ќе се утврдува одговорност и ќе бидат санкционирани сите кои направиле пропусти, намерни или ненамерни. За извршениот вонреден надзор, јавноста ќе биде дополнително информирана, најавија вчера од Управата за извршување на санкции.

В.В.

Поврзани новости