Сите загинати во хеликоптерската несреќа се пилоти на возраст помеѓу 40 и 50 години

by Фокус

Драги Мицев, Маријан Трајкoвиќ, Тоде Орешков и Иљо Лопатички се четворицата загинати припадници на граничната полиција во трагичната хеликоптерска несреќа што се случи вчера околу 22 часот во близина на Струмица.

Мицев (роден во 1969 година) бил началник на воздухопловните сили во МВР со 34-годишен стаж (малата разлика меѓу возраста и стажот произлегува поради бенефицираниот стаж што го имаат пилотите, кој не се пресметува како обичниот работен стаж).

Трајковиќ (роден во 1967 година) бил пилот капетан со 37 години стаж. Орешков (роден 1970 година) работел како воздухопловен инспектор со стаж со 36 години, а Лопатички (роден 1968 година) бил командир пилот 36 години стаж.

„Ова е еден од најтрагичните моменти во историјата на МВР. Тие беа врвот на хеликоптерската единица и најдобриот персонал кој МВР го имаше“, рече министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска не криејќи ги солзите и тагата од трагичната несреќа.

Според МВР хеликоптерот е произведен 2008 година и имал опрема за ноќно летање. Пилотите во текот на вчерашниот ден биле на ноќен лет на релација Скопје-Кавадарци-Валандово-Струмица-Берово-Делчево и обратно. Според министерката, вио текот на летот била користена ноќна визуелизација.

Јанкулоска рече дека околу 22 часот хеликоптерот тип  МИ17 со регистарски ознаки MAP 7712 удрил во антенски столб на македонската радиодифузија. Во текот на летот пилотите не пријавиле проблем.

Од синоќешниот увид обезбедени се две црни кутии кои ќе ги прегледува производителот.

Телата на загинатите пилоти се предадени на обдукција во Институтот за судска медицина. Јанкулоска информираше дека во моментов се истражува дали антенскиот столб во кој удрил хеликоптерот бил соодветно обележан.

Поврзани новости