Во Радовиш кучињата се ловат со клешти!

by Фокус

Општината Радовиш денеска врши заловување на уличните кучиња. Здружението Анима Мунди од информации на теренот информира дека жителите се сведоци на малтретирање и пискање по улиците, бидејќи кучињата се ловат со клешти. Анима Мунди најавува тужба за општината.

„Овие клешти не се алат за некакви си работи за градежништво, туку  клешти со кои денес кучињата во Радовиш се ловеле. Значи во Радовиш не се заловуваат  со јамки или мрежи за заловување, ниту со наменски пушки за седирање на животните за да не бидат изложени на стрес,  туку со клешти. Клештите функционираат на база на притисок, приклештување на животното  за врат и давење – стискање  колку што сметаат дека е потребно за да кучињата не можат да дадат било каков  отпор. Ловењето животни со вакви алатки е дивјачки, насилно, и го крши Законот за заштита и благосостојба на животните за што сторителите ќе добијат тужба“, велат од Анима Мунди.

Здружението бара итен прекин на ваквите активности во Радовиш, додека не се создадат услови за хуман третман на животните и лично обраќање на градоначалникот Сашко Николов со кое ќе го осуди насилството врз животните.

Поврзани новости