Министерот Адеми го повика ректорот на УКИМ Велимир Стојковски на дебата за предлог измените на законот за високо образование.
Средбата ќе се одржи в понеделник во хотелот „Александар Палас“.
– Водејќи се од принципите на транспарентност и отвореност, како дел од дебатата за реформите кои се спроведуваат во високото образование во Република Македонија и кои во својата суштина го имаат обезбедувањето на повисок степен на знаења и вештини за студентите, дополнителен квалитет на работата на наставниот кадар и на образовниот процес, односно генерално подобрување на квалитетот на високото образование, Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука доставија покана до членовите на Интеруниверзитетската конференција за организирање средба за размена на мислења и аргументи за квалитетно образложување на реформите и дебата, се вели во поканата.
Со цел обезбедување застапеност на поголем број мислења, како што е наведено, од интерес за процесот, во рамките на делегацијата на Интеруниверзитетската конференција која ќе присуствува на средбата, покрај нејзините членови да биде овозможено и присуство по петмина професори кои со своите изнесени ставови во јавноста изразија забелешка и несогласување со реформите и по петмина професори кои дадоа поддршка на реформите во високото образование кои ги иницираше Владата во актуелниот период, а професорите ќе ги определи самата Интеруниверзитетска конференција.
Професорскиот пленум пак, преку својата Фејсбук страница упати повик за телевизиска дебата за измените во Законот за високо образование. Според повикот, аргументите би ги соочиле Професорскиот пленум, поддржувачите на законот, контра-пленумците, Министерството за образование и Владата.
Законот веќе ја помина првата фаза, а во четврток, на 8-ми јануари треба да се врати на второ читање на матичната собраниска комисија.