Сите војни се исти, а крвта секогаш е црвена

by Fokus

Сите војни и агресори се исти, сите оправдувања се подеднакво лажни, секој нападнат народ има исто име и судбина на жртва, сите жртви имаат иста црвена боја на пролиената крв, без оглед на името, националноста, верата…

 Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

Рано утро, воздухот сѐ уште студен создава пареа од здивот, луѓе на терасите и улиците немо стојат како восочни фигури. Загриженост се чита на секое лице, стравот повеќе од студот го тресе телото, здивот бревта од напнатост и немир.

Утрово, наместо песната на птиците, Киев го дочека застрашувачкото брмчење на руските авиони и далечен татнеж на бомби. Русија ја нападна Украина. Повторно војна во „цивилизираниот“ свет, како единствено средство кое дипломатијата на „големите“ го познава и признава.

РЕТОРИКАТА НА ЗАВОЈУВАНИТЕ

Реториката на завојуваните, иста како и од претходниот век, како и од тој пред него. Ништо не се сменило во главите и во мозокот на луѓето, само оружјето е посовремено, попрецизно и поубиствено. Напаѓачот тврди дека во интерес на нападнатиот е да биде нападнат и дека тоа го прави во име на демократијата и човековите права. Реторика, право и аргументи на силеџија.

Спротивниот блок и дружина на силеџии го критикуваат напаѓачот, се закануваат со санкции, му нудат оружје на нападнатиот. Фарса, веќе видена, во која не веруваат ниту нападнатиот, ниту напаѓачот, ниту тие што се закануваат со санкции, која само уплашените луѓе уште повеќе ги плаши.

Знаат тие дека надмудрувањето на силеџиите, заканите упатени едни кон други, ќе го платат тие, народот, со своја глава, семејството, имотот, иднината. Знаат тие уплашени луѓе дека во таа игра на „големите сили“, тие се влогот од кој ќе се наплати сето она што се случува и што допрва ќе се случува.

СУДБИНА НА ЖРТВАТА

Сите војни се исти, секој нападнат народ има исто име и судбина на жртва, секој агресор и силеџија причина и оправдување за војната, а секој силеџија што не учествува во таа војна, а бил агресор во претходната, има маѓународни правила и меѓународно право со кое мафта, заборавајќи дека и самиот го прекршил во секоја агресија која и самиот до скоро ја водел.

Рано белградско утро, луѓе на терасите и улиците немо стојат како восочни фигури, загриженост се чита на секое лице, стравот го тресе телото, здивот бревта од напнатост и немир. Утрово, наместо песната на птиците, Белград го дочека застрашувачкото брмчење на американските и на британските авиони и далечен татнеж на бомби. Америка и сојузниците  ја нападнаа Србија.

Истото брмчење на авиони со ознаките на едниот или на другиот силеџија го слушаа луѓето што живеат во Сараево, Триполи, Багдад, Кабул… Етерот ечеше од зборовите извикувани на руски или англиски, а кои ги правдаа и оправдуваа фрлените бомби со демократија, слобода и други големи пароли без значење, лажни и лажливи. Единствено нешто вистинито и тогаш и сега е крвта на жртвите, урнатите домови, загубената иднина. Сѐ друго е лага и гол себичен интерес на силеџиите.

Сите војни и агресори се исти, сите оправдувања се подеднакво лажни, секој нападнат народ има исто име и судбина на жртва, сите жртви имаат иста црвена боја на пролиената крв, без оглед на името, националноста, верата…

Поврзани новости