Сите ученици да имаат бесплатен јавен превоз, Сојузот на средношколци со иницијатива до Уставен

by Fokus

Сојузот на средношколците поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на членот 41 А од Законот за средното образование.

Законските измени се однесуваат на правото на бесплатен јавен превоз на сите средношколци.

Претседателот на Сојузот на средношколци, Лука Павичевиќ денеска рече дека моментно не се третирани сите средношколци еднакво бидејќи има повеќе категории средношколци што го немаат ова право.

„Во март одржавме прес-конференција и најавивме дека нашите предлог-измени на Законот за средното образование во однос на овој член ќе ги поднесеме до Собранието и им дадовме рок од два месеца, односно до 15 мај, да го стават во постапка и да го донесат бидејќи не стануваше збор за обемен и сложен закон, туку за интервензија во само еден член“ – рече Павичевиќ.

Тој вели дека најмногубројни се учениците од приватните училишта, но и учениците од стручните училишта, кои посетуваат феријална практика во текот на распустите.

„А феријалната практика е училишна обврска пропишана и со закон и пропис. Исто така, и учениците со посебни образовни потреби, кои се сместени во училишните домови и посетуваат т.н. специјални училишта, немаат право на јавен превозбидејќи нивните домови се веднаш до училиштата. Ова создава нееднаква и отежната состојба за овие лица“, посочи тој.

Немаат право на бесплатен превоз ниту учениците што живеат на помалку од 2,5 километра од училиштето.

Сегашните одредби во законот се косат со членовите 9 и 44 од Уставот.

Поврзани новости