Сите против оставката на Заев, но СДСМ оди на избори

Внатрепартиските избори во владејачката партија ќе се одржат на 12-ти декември, велат за Фокус извори од СДСМ.

by Фокус

Сите членови на Извршниот одбор на СДСМ на вечерашната седница се спротивставиле на одлуката Зоран Заев да си замине од лидерската позиција, вели за Фокус висок партиски функционер.

Сепак, додава тој, Заев повторно опстоил на ставот дека неговата одлука за повлекување и од владата и од партијата е дефинитивна, и покрај сугестиите дека партијата може да влезе во уште подлабока криза.

Во таква ситуација, дознаваме дека на крај донесена е одлука да се предложи одржување на внатрепартиски избори на 12-ти декември, што треба да помине на партискиот Централен одбор, каде веќе е усвоен дневниот ред и се води расправа.

Инаку, партиски извори брифираат дека постојат стравувања дека по повлекувањето на Заев партијата ќе влезе во фаза на партиски поделби, со оглед дека се најавуваат неколку кандидатури за партиски лидер.

Оттука, според нив, само прашање на време е колку ќе издржи владата предводена од СДСМ, без оглед дали ќе се зголеми парламентарното мнозинство.

В.С.

Поврзани новости