Растат тензиите меѓу Британија и Франција

by Фокус

Францускиот претседател Емануел Макрон и порача на Велика Британија дека мора да биде посериозна или да остане исклучена од разговорите за сузбивање на приливот на мигранти, кои бегаат од војна и сиромаштија преку Ла Манш.

-Изненаден сум кога работите не се сфаќаат сериозно, комуникацијата меѓу лидерите не се врши преку твитови или објавени писма, ние не сме свиркачи – изјави Макрон на заедничка прес-конференција со италијанскиот премиер Марио Драги.

Макрон оцени дека писмото испратено од британскиот премиер Борис Џонсон, во кое тој ги критикува постапките на Париз во врска со ситуацијата со илегалните мигранти, не е сериозен начин за решавање на работите.

Во писмото до Макрон, Џонсон всушност предложи пет чекори за да се избегне повторување на трагедијата во средата, кога 27 мигранти се удавија во Ла Манш.

Меѓу предложените мерки се и активирање на заеднички патроли со цел да се спречи напуштање на повеќе бродови од францускиот брег, како и примена на најнапредната технологија, како сензори и радари.

Се предлагаат и заеднички поморски патроли во меѓусебните територијални води и воздушно набљудување, како и поголема соработка меѓу заедничките разузнавачки служби.

Инаку, тензиите меѓу двете европски држави дополнително пораснаа откако француските рибари денеска накратко ги блокираа пристаништата во Франција, сообраќајот на фериботите преку Ламанш и товарниот влез на Евротунелот со цел да го спречат транспортот на стоки во Британија, протестирајќи против дозволите за риболов по Брегзит.

Редици од автомобили се формираа на автопатот А16 на француската страна, но властите соопштија дека ситуацијата е „мирна”. Железничката служба на тунелот под Ламанш, пак, соопшти дека вклучува 12 дополнителни товарни возови за да се справи со проблемот.

Поврзани новости