Затоа се можни две сценарија – или Заев е инволвиран во „Рекет“ како главата на октоподот, како што го нарекува ДПМНЕ, што одвратно потсетува на народната кога крадецот вреска „држ’те го крадецот“, или тој не бил инволвиран, но бил политички многу наивен и искористен, делумно и од своите сопартијци во давањето легитимитет на опскурен лик како „тринаесетката“.
Пишува: Јанаки МИТРОВСКИ
Бидна и тоа чудо – во мрежата на Русковска се вплетка и капиталец од самиот врв на владејачката партија, доскорешниот потпретседател на СДСМ и актуелен потпретседател на Собранието, Фросина Ременски. Дали се работи за ФРИКИ, за која своевремено пишуваше новинарот Бранко Героски, се остава на фантазијата, особено бидејки Кики, Шеки и останатите знајни и незнајни јунаци од приказната РЕКЕТ најавија тужби и при најмала шпекулација и поврзување на нивните имиња со псевдонимите што им ги додели Героски.
Заменувањето на улогата на Ременска, од можен сведок во осомничен, не е изненадување за многумина, но е конфирмација на сомневањата на јавноста, дека рекет од таков тип, предмет од тој калибар, едноставно не е можен без асистенција на самиот врв на владејачката коалиција. Секако, додека сѐ уште беше само сведок, Ременска не се воздржуваше да си поигрува со интелегенцијата на јавноста дека Боки го знае само од телевизија, што е навредливо за јавноста, која имаше можност во безброј наврати да ја види дотичната во супер пријателска атмосфера со првоосомничениот, но и како дел од таканаречениот Меѓународен сојуз, што веројатно и ја инкриминира.
Во периодот што следи, мрежата на Русковска со сигурност ќе улови уште некој капиталец, но прашањето што мене и поголемиот дел од јавноста нѐ интересира е колку угоре во пирамидата ќе стигне Русковска и дали на врвот на пирамидата е самиот премиер Зоран Заев. За разлика од Кики, Фрики, Шеки и остали КИ, на интернет не изобилуваат премногу слики од премиерот со осомничените, или барем не изобилуваат во пријателско опкружување, кафеана, гитарче во раката и слично. Се наоѓа по некоја слика од роденденот на 1ТВ или тук-таму уште некоја, но ништо неофицијално, односно сето тоа е во рамките од дневните нормални активности на Заев.
Затоа се можни две сценарија – или Заев е инволвиран во „Рекет“ како главата на октоподот, како што го нарекува ДПМНЕ, што одвратно потсетува на народната кога крадецот вреска „држ’те го крадецот“, или тој не бил инволвиран, но бил политички многу наивен и искористен, делумно и од своите сопартијци во давањето легитимитет на опскурен лик како „тринаесетката“.
Пиар-тимот на Заев, сѐ до аферата Леонардо со Рашковски, мошне умешно го штитеше имиџот на премиерот, претставувајќи го како транспарентен политичар, кој има уво за проблемите на народот, премиер кој има време за сите со помалку комични тврдења дека Заев одговара на пет илјади пораки дневно, што ќе се согласите е физички неможно, но и човек кој има слух за совети. Веќе по аферата Леонардо, тој имиџ почна да се разводнува, бидејки, наместо како вообичаено, Заев да изјави дека „сѐ ќе се провери и секој што се огрешил ќе одговара“,овојпат Заев жестоко застана на страната на Рашковски, сметајќи дека, иако се работи за висок владин претставник, јавноста немала право да го прави салата, најавувајќи тужби, иако говореше од името на Рашковски, а не од свое име.
Ваквиот надолен тренд продолжи и со аферата РЕКЕТ каде што Заев, наместо да ја задржи дотогашната смиреност, отворено покажуваше нервоза, заканувајќи им се на медиумите и на јавноста со тужби само ако помислат да погодуваат, а не, пак, да тврдат кои се Кики и Фрики, иако целата јавност е свесна за кои функционери на СДСМ се работи. Овие два случаи ја разобличија дотогаш успешната пропаганда на владата – дека Заев не знае, затоа ова се случува, дека не е информиран, но штом дознае ќе видат убаво тие палавковци.
Во негативен контекст, ова ме потсетува на мрежата гулази, кои додуша не ги измисли Сталин или комунистичкиот режим, туку Царот, но ги прошири и надгради. Кога голем број од кутрите затвореници бивале фрлани во гулази, истите водени од лажна пропаганда викале ќе видат тие за ова кога ќе дознае другарот Сталин. Се разбира, другарот Сталин, не само што знаел за гулазите, туку и наредил нивно транспортирање таму, на речиси сигурна смрт!
Набљудувајќи ја оваа афера и кривично-правен предмет од таа гледна точка, сите патишта водат кон Заев. Притоа, јас воопшто не тврдам дека премиерот е директно или индиректно одговорен или вмешан во земањето рушвет. Не тврдам ниту дека тој знаел за противправните активности на своите сопартијци и субординирани. Тврдам дека БИЛ ДОЛЖЕН да знае и тоа да го спречи. Забога, па зашто е премиер, за да не знае?
Несомнено е дека оваа афера направи и ќе продолжи да прави сериозна штета на рејтингот на СДСМ и на самиот премиер. Независно од тоа дали и за останати функционери ќе има кривична одговорност, политичката штета е сериозна и ќе продолжи да удира по СДСМ и по самиот Заев. Факт е дека токму првенците на СДСМ од Фрики, па натаму му даваа во јавноста легитимитет на човекот кој со години е со блокирани сметки, а кои се блокирани токму поради безбројни ситни измами. Факт е дека даваа максимална подршка на 1ТВ, чие кратко постоење беше крајно сомнително, од сопственоста до јасната наклонетост кон владејачката партија. Факт е дека градоначалници на СДСМ одобруваа и почнуваа проекти со Боки, кој не е непознат по давањето лажни ветувања за помагање на луѓе во немоќ.
Сето ова нѐ води до премиерот Заев и до неговиот дел од одговорноста, која нужно не мора да биде кривична. Јас искрено се сомневам дека самиот Заев брцнал во медот, но ноторно е дека политичка одговорност мора да има и тоа ќе се види на следните избори. Цехот во форма на изгубен голем број гласови Заев ќе го плати и сосема заслужено бидејки сетете се дека и кога изби аферата, тој сѐ уште ѝ даваше поддршка за Јанева, како и дека ја смени Ременски од партиската функција, дури откако аферата зеде замав, замајувајќи ја јавноста дека мандатот ѝ истекол. Нам ни останува да видиме дали Кики и Шеки ќе се сопнат или ќе продолжат да нѐ мавтосуваат дека не се исти!