Сите ордени, медали и дипломи на Ѓорге Иванов

by fokus

архиваТекстот е објавен на 25-ти април 2014-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 968

Кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, во првиот мандат се закитил со пет дипломи од универзитети, две членства во невладини организации (кои маркетинг-тимот на Ѓорге Иванов ги претставува како академии) и одликуван е со три ордени. Ваквите признанија ги користи во трката за втор претседателски мандат. Не е спорно дека на сите „дипломи“ му пишува дека е посветен, кооперативен и успешен, но спорно е дали таквите признанија ги зголемуваат вредноста, квалитетот и знаењата на кандидатот, професор од Правниот факултет, ако се суди според начинот на кој се доделуваат. Многупати не постојат критеруми за наградување, нема скала за вреднување на успехот, а како пресудни се наметнуваат претходни релации и пријателства!

Пишувал
Љубиша АРСИЌ

Три витешки крста, пет универзитетски признанија и две членувања во меѓународни организации – толкава е предноста на Ѓорге Иванов пред финалниот круг од претседателските избори, ако се мери според признанијата и ордените. Токму овие неколку признанија, стекнати за време на претседателскиот мандат, Иванов ги користи пред гласачите како аргумент дека е светски, европски, витешки, масонски човек и политичар-научник.

Не е спорно дека на сите „дипломи“ му пишува дека е посветен, кооперативен и успешен, но спорно е дали таквите признанија ги зголемуваат вредноста, квалитетот и знаењата на кандидатот Иванов, професор од Правниот факултет, ако се суди според начинот на кој се доделуваат. Многупати не постојат критеруми за наградување, нема скала за вреднување на успехот, а како пресудни се наметнуваат претходни релации и пријателства.

Наспроти европската практика, која почитува строги норми за успех и за врвен дострел во државните или светските текови, нашата политичка практика е автентична токму по моделот и методите, или инструментите, кои се користат за да се дефокусираат гласачите од вистинските аргументирања и од личните вредности на кандидатите.

Познато е дека секогаш полесно се манипулира со гласачкото тело со квантитет во настапите и квантитетот на изборното претставување. Така поедноставно се заматува перцепцијата на граѓаните. Во намерата кандидатот да ги прикаже личните позитивни карактеристики, наспроти обидот да ги сокрие негативните, кои не звучат пријатно за увото на гласачот, се користат сите оружја, колку и тие да се погрешни, непотребни и колку и да немаат никакво влијание врз знаењето и суштинските квалитети на кандидатот.

Според теоријата, „политичката кампања е организиран напор кој влијае врз процесот на донесување одлуки на одредена група“. Ако народот е групата, тогаш преку организираниот напор на власта мора да се изврши влијание врз тоа каква одлука ќе носат граѓаните. Уште, ако ги уверат дека се мултиталентирани и сестрани, а тоа е потврдено со парче хартија, чие име повеќе звучи отколку што вреди, тогаш се на вистинскиот пат. Професор Ѓорге Иванов, во отчетот за потрошениот претседателски мандат, им посветува цела глава на одликувањата и признанијата со кои се закитил во изминатите пет години. Иако, во суштина, тие се само со почесна вредност, но со никаква научна, тој ги користи како можност на граѓаните да им се претстави во поинакво светло!

НАГРАДЕНА ФУНКЦИЈАТА ПРЕТСЕДАТЕЛ, НЕ ПРОФЕСОРОТ ИВАНОВ

Во првиот дел од признанијата се вбројуваат петте дипломи од универзитети за почесен професор и почесен доктор. Најзвучен е рускиот „Ломоносов“. Другите се од Турција, Романија и од Кина. Изостануваат угледни западноевропски научни институции. Токму тоа е пресудно за познавачите да анализираат дека ваквите признанија, сепак, се стекнати преку политика, а не преку наука, особено преку релациите на конзервативните политички сили.

Први, по изборот за претседател, чест на Иванов му укажуваат Турците. Универзитетот за економија и технологија од Анкара во 2009-та го прогласува за почесен доктор на науки. Но, тоа е приватна школа што постои само 10 години. По две години друг, но овојпат реномиран универзитет од Истанбул, му ја доделува истата титула.

Истата 2011 година и Христијанскиот универзитет од Букурешт, Романија, приватна образовна установа (еден од основачите е обвинет за плагијаторство и за други скандали), го прогласува за почесен доктор на науки. Признанијата од овој вид, стекнати за време на мандатот, се заокружуваат со уште две дипломи кои го прават почесен професор на два универзитета. Во 2013 година, од угледен кинески универзитет за финансии и економија, а пред кампањата за овие избори и од универзитетот „Ломоносов“ од Москва, Русија.

Може лесно да се заклучи дека сите пет признанија се дадени поради функцијата што Иванов ја извршувал ‒ претседател на држава, но не и затоа што постигнал некаков научен дострел. Од петте универзитети, на три, при примањето на дипломите, одржал говор. Во контекст на ова, професорот Ненад Новковски коментира:

„Сите почести се добиени како претседател, не му се дадени претежно според заслуги во правната наука, што признанијата би ги направило повредни, туку му се доделени според државната функција и општествената активност. Претходно не знам дали имал вакви признанија, но очигледно е, според пропагандниот материјал за кампањата, дека сите му се доделени за време на мандатот, што ја намалува нивната вредност“.

Оттаму и дилемата колку ваквите признанија ги вреднувале квалитетите и знаењата на Иванов или нивното доделување е само формално, односно можност за украсување на витрината и полнење на биографијата, но и шанса да се претстави пред гласачите како нешто  поголемо од реалното!?

ЧЛЕНУВА ВО ОРГАНИЗАЦИИ, НЕ ВО АКАДЕМИИ

Друг дел од признанијата во „отчетот“ се однесува на членствата на Иванов во непрофитни, невладини организации. Нејасно е од кога таквите членства се сметаат за достигнување за да се потенцираат во кампања, односно да се нудат како аргумент за меѓународното значење на Иванов! За овие две членства се добива впечаток дека се нотирани во „отчетот“ како пандан на универзитетските признанија од Исток. Да помисли народот дека и Европа го признава.

Мудроста или манипулацијата на маркетинг-тимот пронашла начин како да ја набилда вредноста на две членства, едното во Светската академија на науки и уметности, другото во Европската академија на науки и уметности. Иако двете организации во имињата го имаат зборот „академија“, сепак се само невладини организации, без научни унапредувања на членовите и без исполнување некакви критеруми за членство или за повисока позиција во хиерархијата.

Имено, насловот во пропагандниот материјал гласи „членства во академии“ за да се добие впечаток дека двете невладини организации се академии. Потоа, преку игра на зборови се постигнува сосема поинакво значење на сертификатите за членство. Во програмата на Иванов е напишано дека членува во „Светската академија за науки и уметности“, иако би требало да стои здружение „Светска академија за науки и уметности“.

Разликата е што официјалната организација (TWAS) дејствува под закрила на УНЕСКО, во неа се напредува според заслуги и достигнувања (merit-based) и таа функционира според програма и конкретни научни проекти. Другата (WAAS), чиј сертификат го има Иванов, е организација со адреса на работното место на професор Иво Шлаус во Загреб. Така налагаат правилата на организацијата. Токму тоа е човекот што му го врачи сертификатот за членство на Иванов, а фигурира како претседател.

Ваквите членства, како и претходните признанија, многу повеќе личи дека се добиваат врз основа на пријателство, познанство, политички релации, но не и врз основа на научно остварување. На истата адреса на Шлаус е сместена и хрватската подружница на втората невладина организација. Од неа Иванов има сертификат за почесен протектор. Покрај неговото, во редицата протектори се запишани имињата на уште 11 државници. Меѓу нив се регионалните: Мило Ѓукановиќ, Иво Јосиповиќ, Борис Пахор и Каролос Папуљас.

На официјалната интернет-локација стои дека последниот годишен извештај на организацијата е од 2010 година, Иванов станува член во 2012 година. Седиштето ѝ е во Салцбург, Австрија. И за двете „академии“ важи дека се неформални здруженија на научници. Многупати зачленуваат политички лидери, повеќе од престиж, отколку како научно признание.

ПРЕКРСТИ СЕ ТРИПАТИ ЗА ПОБЕДА

За крај на отчетот се набројани одликувањата, трите ордени од неформални организации. Сите во форма на крст. Преку ордените, кои не се многу популарни за македонската јавност, Иванов демонстрира „масонска“ припадност, витешка храброст и хабсбуршка наклонетост. Орденот од Малтешкиот ред на „Свети Лазарус“ од Ерусалим го примил при отворањето храм (ложа) во Македонија. Главниот мајстор Дон Карлос де Гереда де Борбон му го врачил Крстот за заслуги, со објаснување дека Иванов постојано го поддржувал Редот. А тој, пак, го правел тоа, како што изјави, затоа што Македонија е античка држава, посветена на Бога!

Вториот крст на Иванов е од Европското винско витештво од Ајзенштат, Австрија. Таа организација има седиште и во Скопје. Во неа членуваат главно стопанственици и сопственици на винарии, со главна цел да промовираат вина и да организираат дегустации.

Редот на Свети Ѓорѓи од Куќата на Хабсбург – Лотринген е третиот крст на Иванов. Оваа организација е посветена на почитувањето на Свети Ѓорѓи како светец-заштитник на витезите, витештвото и на одржувањето витешки став кон животот. Чесноста, должноста, храброста и остроумноста може да се вбројат како главни карактеристики на витезите. Сигурно барем една од овие одлики пронашле витезите кај Иванов кога одлучиле да му доделат орден!

Според настаните кои ги организираат овие три организации и според фотографиите што ги објавуваат, очигледна е иконографија на т.н. братства, познати како масонски друштва од различен ранг. Карактеристика за сите е што промовираат религиски вредности, а некои се гледаат како дел од конзервативна Европа. Факт е дека ни овие признанија немаат врска со конкретни успеси или достигнувања на полето на науката или, пак, во меѓународната политика.

Обично, светската практика покажала дека ваквите организации се силни лоби-групи, кои наградуваат високи државници, за потоа преку нив да ги промовираат своите интереси, многупати и да остварат одредени цели.

„Никаде Иванов не покажал забележителен научен опус или, пак, видно достигнување во меѓународната политика. Во ваквите случаи на наградување, изборот е врз основа на пријателство или претходна комуникација. На крајот секако дека е можно да се помисли дека некој сака да протне интерес преку претседателот, со тоа што му доделува некакво признание“ ‒ заклучува Новковски.

Дури понекогаш се знае дека поголема е честа за организација да одликува некој државник, за потоа полесно да спроведува стратешки цели, отколку што е честа за примателот на наградата. Но, очигледно е дека, во согласност со искуството од последните изборни циклуси, пред вториот круг на изборите за претседател, ниту Иванов ќе поентира со медалите, ниту Пендаровски ќе изгуби затоа што решил да биде поскромен со признанијата.

КОГА ЗБОРУВА ЗА МЕДАЛИТЕ, НА ИВАНОВ МУ ТЕКНУВА НА ГРУЕВСКИ

На еден од предизборните митинзи, во родното Валандово, кандидатот Иванов зборуваше токму за наградите и признанијата. Тој смета дека граѓаните го почувствувале значењето на ордените и на витешките крстови.

„Додека тие омаловажуваат, напаѓаат, клеветат, мене чест во светот ми укажуваат. Па, еве, да се пофалам пред валандовчани, досега никогаш не сум се фалел почесен професор сум на врвните светски универзитети, почесен доктор на светски универзитети, член и на Европската академија на науки и уметности, член на Светската академија на науките и уметностите. Голем број признанија од меѓународни институции, ордени, медали. Тоа го почувствуваа луѓето во Македонија, но и надвор од неа. Така е кога се работи сложно и тимски. Е, тоа е новиот лик на Македонија, кога млади луѓе, на чело со Никола Груевски, решија да ја менуваат Македонија. Затоа и ги поддржувам, затоа и секоја нивна реформска мерка ја поддржувам“ ‒ говорел Иванов.

„СВЕТСКА АКАДЕМИЈА“ ЗАЧЛЕНУВА ЛИДЕРИ ЗА СВОИ ИНТЕРЕСИ?

„Ако им се верува на теориите на заговор, според кои со светот управуваат мали групи, клубови и организации, тогаш јас, како претседател на ’Светска академија на науки и уметности‘, сум еден од владетелите на светот“ ‒ оваа изјава на Иво Шлаус останала во меморијата на хрватскиот печат кога објавувал за изборот на хрватскиот професор на првата позиција на организацијата.

Со тоа Шлаус сакал да ја опише моќта и влијанието што го има академијата. Нагласил дека 30 од членовите во организацијата се дел од првите 300 светски моќници. Ова може да се смета за доволна индикација дека „Светска академија на науки и уметности“ е силна лоби-група, која зачленува високопозиционирани лидери.

ПОТПИСНИЧКА НА ДИПЛОМА НА ИВАНОВ Е ПЛАГИЈАТОР!

Корина Адријана Димитреску, ректорка и еден од основачите на Христијанскиот универзитет од Букурешт, Романија, му доделува почесен докторат на претседателот Иванов. Таа остана несудена министерка за образование во владата на Виктор Понта, откако медиумите открија низа скандали во кои била вмешана, како што е обвинението дека заедно со сопругот се виновни за плагијат на научен труд или, пак, „фризирањето“ на нејзината лична биографија, во која лажно било наведено дека студирала на Стенфорд.

Христијанскиот универзитет бил оценет од Европската асоцијација на универзитети на најниската скала, со што го изгубил правото да организира постдипломски и докторски студии.

Поврзани новости