Сите лидери на СДСМ и повлекувањето на Заев

Зоран Заев стана петтиот лидер на СДСМ во 2013 година, а во 2017 година успеа да формира влада и да стане премиер. По поразот на изминативе локални избори, тој се повлекува од сите функции, отворајќи го патот за негов наследник.

by Фокус

На денешните втори непосредни внатрепартиски избори, СДСМ треба го избере петтиот партиски лидер од независноста досега, во конкуренција на тројца кандидати за наследник на Зоран Заев – Димитар Ковачевски, Јован Деспотовски и Фросина Ременски.

При преминот кон деведесетите години на минатиот век, под бранот на демократизација што го зафати некогашниот комунистички блок, Сојузот на комунисти Македонија прво во називот ја залепи додавката ПДП (Партија за демократска преобразба), за веќе на партискиот Конгрес во 1991 година партијата да го добие денешниот назив – СДСМ.

ГОШЕВ, ЦРВЕНКОВСКИ, БУЧКОВСКИ, ШЕКЕРИНСКА

Под називот СКМ-ПДП, партијата во 1990 година учествува на првите парламентарни избори во плурализмот, предводена од Петар Гошев, кој за време раздружувањето на Македонија од Југославија важи за претставник на таканареченото либерално крило меѓу македонските комунисти.

По неуспехот да формира влада, Гошев се повлекува, па нов партиски лидер станува тогаш младиот Бранко Црвенковски, кој прво станува премиер по уривањето на првата експертска влада во 1992 година, а потоа победува на изборите во 1994 и на чело на СДСМ владее до 1998 година.

Тој губи на изборите, но останува партиски лидер и во опозиција, а по изборите во 2002 година повторно станува премиер. Но, среде премиерски мандат, односно во 2004 година, Црвенковски се повлекува од премиерската функција, но и од лидерската позиција во СДСМ, за да се кандидира за претседател на државата.

Така, тој успева да победи на изборите за шеф на државата, па негов наследник во СДСМ станува Владо Бучковски. Но, неговиот мандат трае кратко, поточно до 2006 година, кога СДСМ губи на парламентарните избори, по што нов партиски претседател станува Радмила Шекеринска.

Сепак, и Шекеринска загуби на предвремените парламентарни избори 2 години подоцна, по што Црвенковски најавува камбек на чело на СДСМ. Во тој вакуум период, додека му заврши мандатот на Црвенковски како прв човек на државата, за в.д. претседател на социјалдемократите е избран Заев.

Дури 4 години подоцна, после тешкиот пораз на СДСМ на локалните избори во 2013 година, Црвенковски се повлекува од СДСМ, а нов лидер успева да стане токму Заев, во тандем со Шекеринска. Двајцата победуваат на вонредниот конгрес во конкуренија на Зоран Јовановски и Кире Наумов.

Инаку, Заев дојде на чело на СДСМ од позиција на градоначалник на Струмица, која тој по неколку последователни градоначалнички мандати успеа да ја направи бастион на СДСМ, кој ВМРО-ДПМНЕ не може да го урне повеќе од една деценија.

Сепак, Заев сфати дека Македонија не е Струмица уште во 2014 година, кога СДСМ предводено од него загуби на двојните парламентарни и претседателски избори.

Сепак, успеа да го преживее двојниот пораз, откако на Конгресот доби доверба да продолжи да ја води партијата, иако Црвенковски јавно порача дека ниту тој ниту Заев се решение за партијата, препорачувајќи го за соодветно решение актуелниот претседател Стево Пендаровски.

Веќе во почетокот на 2015 година, Заев ја отвори аферата со масовното нелегално прислушување наречена „Вистината за Македонија“, која всушност беше почетокот на крајот на долгогодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски.

ЧЛЕНСТВО ВО НАТО, НО НЕ ПРЕГОВОРИ СО ЕУ

Во 2016 година, СДСМ под водство на Заев освои два пратенички мандати помалку од ВМРО-ДПМНЕ, но сепак успеа да договори парламентарно мнозинство со ДУИ и другите албански партии. Но, како што е познато, новата влада беше формирана дури половина година подоцна, односно по крвавите настани во парламентот на 27 април 2017 година.

Како резултат на еурофијата од „рушењето на режимот“, СДСМ во 2017 година освои убедлива победа на локалните избори, освојувајќи го цело Скопје и скоро сите општини со доминантно македонско население, што го означи крајот на политичката кариера на Груевски и предизвика внатрешни промени во ВМРО-ДПМНЕ.

Освен што му дадоа голема локална власт, победата на локалните избори му дадоа и политички легитимитет на Заев, кој дотогаш многумина го оспоруваа, од причина, што, сепак, неговата коалиција не ја победи коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори, иако успеа да формира влада.

После овие избори во 2017 година, Владата предводена од СДСМ и Заев влезе во решавање на спорот со Грција што на крајот резултираше со потпишувањето на Преспанскиот договор, кој ги отвори вратите за членство на Македонија во НАТО.

Иако се веруваше дека тоа ќе биде доволно и за почеток на преговори со ЕУ, сепак, тоа не се случи, прво порака блокадата од Франција, а потоа и од ветото од Бугарија, кое е на сила до ден денес.

Токму одложувањето на почетокот на преговорите со ЕУ поради барањето на Париз и уште неколку земји-членки на ЕУ, со цел да се донесе нова методологија на преговори со земјите-кандидати за членство, Заев го прифати барањето од опозицискиот лидер Христијан Мицкоски за предвремени парламенарни избори.

На овие избори, СДСМ постигна тесна победа поради поголемиот коалициски потенцијал, меѓутоа остана чувството дека владејачката гарнитура постојано ја губи поддршката, што почна да се гледа уште на претседателските избори, на кои Пендаровски тесно ја победи Гордана Силјановска-Давкова, и покрај огромната коалиција што застана зад него.

Овој пад на СДСМ продолжи до локалните избори, на кои ослабената коалиција на СДСМ, по одлуката за самостоен настап на БЕСА, ЛДП и ДОМ, доживеа голем пораз од ВМРО-ДПМНЕ. Ваквиот изборен неуспех го натера Заев да најави повлекување и од лидерската позиција во СДСМ и од премиерската функција, како чин на политичка одговорност.

Иако неговите сопартијци, коалициски партнери, но и претставници на меѓународната заедница апелираа да го доврши мандатот, посочувајќи дека локалните избори немаат врска со централната власт, сепак, тој остана до крај доследен на ставот да се повлече, што отвори внатрепартиски процес за избор на нов лидер, а со тоа и на премиер.

На тој начин, човекот кому му се припишуваа храброста и оптимизмот како главни особини, поради тоа што со „бомбите“ влезе во директна контронтација со „заробената држава“, сега заминува разочаран од странските партнери, но и од „своите“. Безмалку на ист начин си замина и Црвенковски, кој имаше внатрешен отпор кон концептот на „отпорот“, но слично замина и Груевски со многу „ножиња во грбот“.

Влатко Стојановски

Поврзани новости