„Ветеранки, со Господ напред“

by fokus

Поранешните пратенички од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева и Косана Мазнева денес беа помеѓу присутните делегати на Конгресот на партијата, каде Христијан Мицкоски беше реизбран за партиски лидер.

Тие објавија фотографии на кои позираат заедно со дел од останатите делегати во Спортскиот центар „Јане Сандански” во Скопје, а нивни следбеници на социјалните мрежи им посакаа среќа и како што најчесто им коментираа, со Господ напред.

Лавици, верни вмровки, ветеранки… беа најчестите коментари под заедничките фотографии, во кои сопартијци им дадоа поддршка на своевремено едни од најактуелните жени во ВМРО-ДПМНЕ.

Како потсетување, Косана Мазнева беше пратеничка во два мандати, а исто така беше и претседател на Унијата на жени.

Доживеа семејна несреќа кога и почина сопругот, со кого има две ќерки. Потоа се премажи, доби уште една ќерка, па се повлече од политичката сцена. По подолга пауза, пред две години од партијата открија дека таа е работно ангажирана во кабинетот на Мицкоски.

Струмичанката Силвана Бонева пак, освен што беше пратеничка, беше и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Лани во септември против неа беше поднесен обвинителен акт во врска со фискалните сметки кои ги приложувала за надомест на патни трошоци во времето додека била пратеничка, на што таа реагираше дека се работи за конструирани лаги поради кои со години е изложена на линч.

Годинава во август таа се пензионираше, а една недела потоа по кратко боледување почина нејзиниот сопруг. На денешниот 17-ти редовен Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ присуствувале 493 делегати, гласале 492, од кои 489 за Мицкоски, а имало три неважечки ливчиња.

Вики Клинчарова

Поврзани новости