Премиерот Зоран Заев денеска апелираше до компаниите што имаат можност, па дури и оние што покажуваат загуба да исплатат регрес за годишен одмор.
-Ние сме Влада за работниците и уште еднаш апелираме секоја компанија која што има можност, дури и оние коишто покажуваат загуба да исплатат регрес за годишен одмор односно познатото К-15 заради тоа што дефинитивно работниците се трајното добро и за компаниите, но и за државата. Уште еднаш Законот и самите колективни договори регулираат дека кога компаниите покажуваат загуба тогаш нивната задолжителност паѓа, но имаме компании што оваа година ќе покажат загуба, но и имаат добра акумулирана добивка од претходните години или знаат дека веднаш загубата од 2020 има сериозен потенцијал да биде покриена во 2021 година, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата со помошникот државен секретар за енергетика на САД, Францис Фанон во Владата.
Работниците, како што рече, се најважниот капитал и во компаниите и во државата и верува дека водењето грижа за повисоки примања на работниците ја зголемува потрошувачката моќ и за самите производи или услуги на компаниите.