„Систина“ на Камчев свртела 77 милиони евра за само една година, а „Жан Митрев“, 39 милиони евра

by Fokus

Повеќе од 110 милиони евра пари на граѓаните завршиле лани во двете најголеми приватни болници – „Аџибадем Систина“ и „Жан Митрев Клиник“, покажуваат официјалните податоци. Оваа вртоглава сума на пари се однесува на сите здравствени услуги што граѓаните ги побарале во овие болници за само една година.

Според финансиските извештаи доставени до Централниот регистар, само „Систина“ направила приход од рекордни 77,5 милиони евра, додека, пак, инкасирала добивка од вкупно 17,3 милиони евра.

На второ место е приватната болница под раководство на кардиохирургот Жан Митрев, која за само 12 месеци остварила приход од 32,5 милиони евра и добивка од 9,2 милиони евра.

За разлика од годините претходно, последната година може да се забележи драстичен скок во обртот и заработката кај двете најголеми приватни клиники.

Од друга страна, општата болница „Ремедика“ има помали приходи, и тоа од 10 милиони евра, но, сепак, инкасирала вкупна добивка од 2,3 милиони евра.

Колку и да сме сигурни дека пациентите таму добиваат „кралски“ третман, сепак мора да признаеме дека парите за здравствените услуги што се нудат се енормно високи, посебно за македонски услови, каде што дел од граѓаните се доведени до „просјачки стап“.

И една година порано, односно во 2020 година, кога „пукна“ ковид-пандемијата во светот, според официјалните податоци, во овие две болници се слеале над 69 милиони евра. Но, тоа е дури за цели 40 милиони евра помалку отколку лани.

Инаку, најголем приход во 2020 година остварила „Аџибадем Систина“ од 41,3 милиони евра, од кои заработка биле 5,9 милиони евра, додека „Жан Митрев Клиник“ направила приход од 27,7 милиони евра, при што останал чист профит од 8,1 милиони евра.

Само приватната болница „Ремедика“ ја завршила годината со релативно ниска заработка од 1 милион, иако прикажала приходи од 8,2 милиони евра, но треба да се посочи дека тие не работеа со ковид-пациенти.

Мошне плоден период за двете најголеми болници беше тригодишната ковид-пандемија, кога тестовите достигнаа суми од 3.500 до 12.000 денари, а лекувањето вртоглави 12.000 евра по пациент.

Приватните болници и државата не успеаја да договорат соработка, па тука најмногу изгубија болните.

Сите оние граѓани што имаа пари, не им беше проблем да се лекуваат приватно, но затоа, пак, таму завршија и тие што изгубиле доверба во јавниот здравствен систем, па продаваа куќи, станови и земаа кредити, мислејќи дека спасувањето на животот им е загарантирано, кога веќе даваат толку многу пари.

„Фокус“ се потруди да открие што се крие зад затворените врати на трите најголеми приватни болници во државата, за кои, освен што по медиумите кружат реклами за илјадници спасени животи, ништо друго не се знае.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Ирена Мулачка

 

Поврзани новости