Системот падна, не барајте ниту лекар специјалист, ниту рецепт

by fokus

Од утринава матичните лекари во Неготино не можат да издаваат специјалистички упати на пациентите, ниту пак лекарски рецепти. Во ходниците на клиниките, преполни со пациенти поради зголемениот број на вирози, нервозни пациенти со часови чекаат системот да се ,,крене’’ и да ги завршат потребните административни процедури.

-Не знаеме што се случува, системот едноставно падна. Немаме информација во што е проблемот, но колеги од други општини не известија дека и тие го имаат истиот проблем од утринава. Ги замолуваме пациентите за трпение бидејќи не се работи за наша грешка – не информираа лекари од приватна поликлиника во Неготино.

И во ЈЗУ Неготино ни потврдија дека има проблем со системот за електронско закажување и не може да се издаде упат или рецепт.

-Преполни се болниците со пациенти, настинки, грип, вируси поради ладното време, но им преостанува да чекаат или пак да се вратат подоцна – велат од таму.

Од извори од Министерството за здравство дознаваме дека се работи за технички проблем, и како кај дел од аптеките и матичните лекари веќе бил надминат проблемот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости