Бура од емоции, носталгија по изминатите времиња и песните кои ги обележаа, деновиве низ Балканот предизвика емитувањето на играниот филм „Тома“ посветен на музичарот и голем боем, Тома Здравковиќ.
Откако се емитуваше низ кино салите во регионот, филмот беше промовиран на први јануари на националната телевизија во Македонија, но и во Србија.
Постарите генерации се потсетија на Здравковиќ, на неговата музика, но и на бурниот животен пат, а емотивно пренесената приказна на филмското платно, предизвика интерес и кај помладите генерации.
Каде е сега синот на Тома, Александар, кој кратко се појавува во филмот, а кој тој го добил во бракот со Гордана, неговата четврта сопруга која останала покрај него до крајот на неговиот живот, е прашање кое можеби многумина си го поставија.
Тој не дојде на промоцијата на филмот, ниту пак се појави во ТВ емисии во Србија во кои гостуваше неговата мајка.
Живее во Канада, има 44 години и се занимава со музика, тоа се информациите кои лично Александар ги сподели со српската јавност, кога со својата мајка беше гостин во емисијата ,,Добро јутро” која се емитуваше на ТВ Пинк во септември 2016 година.
Повод за нивното гостување беше голем концерт во Белград, на кој хитовите на Тома ги пееа негови колеги, на 25-годишнината од неговата смрт.
-Секогаш ги добивам истите прашања, како беше да се расте со Тома, каков беше животот со него. Дури долг период избегнував да го користам презимето Здравковиќ, само за да го избегнам товарот кој го носи презимето, па се претставував како Александар Саша.
Ми беше прекрасно поради тоа што тој беше мој татко, иако јас бев премлад, тој почина кога имав 13 години. Прерано го изгубив, можеби не го запознав како татко за некои други работи.
Во тоа време бев премлад за да сфатам што значи неговата музика и она кое тој го остави на другите луѓе. Ме водеше на концерти, но бев мал, сето тоа ми е како низ магла. Подоцна сфатив што значи тој, колку неговата музика влијаела врз луѓето. Дури кога имав 16-17 години, кога се вљубив, сфатив што значат неговите песни и колку бил тој искрен преку тие песни, раскажа Александар.
Се присети дека освен во парк, татко му го водел и во казино и имал поразлично детство од неговите врсници.
Уште како дете одел во музичко училиште, а потоа отворил свое музичко студио.
-Да можев да пеам, ќе пеев. Но, мислам дека не бев добар на тој начин, посебен начин, па тргнав по свој пат. Ја сакам музиката, работам со електронска музика и сум аудио и видео техничар за конференции и приватни концерти-откри Александар.
Тој е роден во Торонто, а потоа со родителите се преселил во Србија. По смртта на Тома, со мајка му повторно се вратиле во Канада, каде живеат повеќе од две децении.
Вики Клинчарова