Веќе петти ден трае потрагата по исчезнатиот кумановец Драган Цветковски-Кисељак. Тој излегол од дома на деветнаесети месецов во 13 часот и откако го немало повеќе од еден час, неговите синови тргнале да го бараат. Драган има Алцхајмер, но секогаш знаел да се врати дома. Неговиот син, Миодраг Цветковски за „Фокус“ раскажува што се случило и апелира секој кој може да помогне во потрагата.
Тој вели дека од полицијата досега имале минимална помош и дека нема отворено официјална потрага по неговиот татко. Тие сами се ораганизираат заедно со пријатели и секој ден пребаруваат локации кадешто би можел да отиде Драган. Сепак, овие денови ги пребарале сите места, но не нашле никаква трага.
-Од полицијата немаме некоја голема помош, освен еден инспектор кој контактира со брат ми. Баравме да ги погледнеме снимките од камерите поставени на раскрсниците во Куманово, меѓутоа не ни дадоа дозвола. Ни рекоа дека за тоа треба дозвола од суд, како и дека треба дозвола од Скопје. Три дена по исчезнувањето на тато ми, полицијата излезе со кучиња трагачи, но ништо не најдоа, раскажува Миодраг за „Фокус“.
Миодраг додава дека неговиот татко е затворен човек и во последно време бил исплашен. Од дома излегувал до продавница и одел да полни вода до локалниот извор, но секогаш се движел по главни улици и се враќал дома.
-Има обичај да стопира автомобили мислејќи дека тоа сме јас или брат ми. Можно е така да се има качено во некој автомобил или автобус. Не знам, тоа ми е на мисла, бидејќи веќе се пребаравме со преку 20 луѓе. Барем да ги прегледавме камерите, да знаеме каде е појден. Имам се во животот, но џабе кога го нема татко ми, вели Миодраг.
Тој апелира секој кој има некаква информација за неговиот татко да му се обрати. Кога заминал од дома, Драган бил облечен како на сликата во автомобилот. Миодраг вели дека не сака да бара виновници, туку само сака да го пронајде својот татко.
Катерина Смилева