Петар Поцков, внук на градоначалникот на Гевгелија Сашо Поцков и зет на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, е еден од членовите на Управниот одбор на Акционерското друштво за игри на среќа Државна лотарија.
Според тековната состојба на друштвото во државна сопственост, издадена од Централниот регистар, Поцков е еден од петмината членови на УО, покрај претседателката Катица Николовска – Прнаркова, Ѓорѓи Дамјановски, Благоја Лазаревски и Христа Најденов.
Членовите ова ова тело всушнсот ги избира Надзорниот одбор, во кој пак членуваат Бојан Јанев, Фатмир Рамаданоски, Бејназ Арифи, Александар Димитријоски, како и претседателката на младинската организација на ЛДП Моника Зајкова, избрани од страна на владата.
Според известувањето што на почетокот на годинава друштвото го пратила до Македонска берза, согласно обврската од Законот за хартии од вредност, Поцков е избран за член на УО на седница на НО оддржана минатата 2018 година.
Од Државна лотарија побаравме одговор какви се условите и критериумите за избор за членови на Управниот одбор и дали Поцков ги исполнува, како и што содржи неговата биографија во поглед на образование, работно искуство итн, но досега не добивме одговор.
Во студијата изработена од Институтот за демократија насловена како „Кој тоа таму управува“, која содржи податоци за вкупно 1.206 членови на управувачки структури, се наведува дека критериумите за избор на членови во овие структури не се доволно прецизирани и дека недостасува фер и транспарента постапка според заслуги.
„Бројноста и надоместоците на членовите на управувачките структури заедно со непрецизираните критериуми во законската регулатива ги прави овие институции ризични точки за партизација и клиенетелизам што влијае врз квалитетот на нивното управување“, стои во студијата.
В.С.