Владата на 30 јуни донела „Одлука за донесување на урбанистички план за подрачја и градби од државно значење за уредување на земјиште со намена Е1.13 – површински соларни и фотоволтаични електрани над 10 MW“ на катастарски парцели во Неготино кои и припаѓаат на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, објави „Фактор“.
Во одлуката на Владата се дозволува урбанистички план за изградба на голема фотоцентрала со моќност од над 10 мегавати, а пространото земјиште на чиј дел ќе се гради енергетската централа, според податоците од Агенцијата за катастар на недвижности, му припаѓа на МПЦ-ОА, односно на манастирот Св.Ѓорѓи Великомаченик и Повардарска православна епархија.
Вкупната големина на трите парцели кои се одобруваат е околу 140 хектари ниви и пасишта, а според решението од Министерството за транспорт, за дел од ова земјиште источно од Неготино ќе склучат договор за закуп МПЦ-ОА како сопственик и Градаб 2022 како градител.
Две недели пред донесената одлука од страна на Владата направена е промена во сопствеништвото на „Градаб 2022“. Нов управител и сопственик станува Алтин Малиќи, еден од синовите на покојниот бизнисмен Енвер Малиќи, поранешен поседник на „Гемак трејд“, „Хотел Парк“ и поранешен заменик-градоначалник на Град Скопје.
Останати сопственици на друштвото се Александар и Димитри Влахо од Скопје. „Градаб 2022“ е основана во 2022 со дејност изградба на станбени и нестанбени згради. Минатата година немала приходи, а ниту вработени.
„Со оваа одлука се донесува Урбанистички план за подрачја и градби од државно значење за уредување на земјиште со намена Е1.13 – површински соларни и фотоволтаични електрани над 10 MW на дел од КП 3038/1, на дел од КП 3099/1 и на дел од КП 3135/1, КО Неготино – Општина Неготино“, објавено е во владината одлука.
Постапката за овој енергетски проект, според документите од Министерството за транспорт, започнала уште пред 2024 кога бил склучен договорот за закуп помеѓу Градаб 2022 и МПЦ – ОА.
извор: Фактор.мк