Одговорот беше позитивен, така што Македонија можеше да почне со итните подготовки за превентивните сили на ОН на нејзините граници. Така, би рекол повеќе случајно отколку намерно, ја отворивме вратата, под знамето на ОН, да дојдат и американски трупи во Македонија. Наравоучение: Tи направи најдобро што знаеш и умееш и моли се да ти успее замислата. Успеа! Одолеавмe на искушенијата на војните и со помош на нашите идни партнери во НАТО и во ЕУ, станавме членка на ОН во 1993 година.
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
(Белешки од годините на независноста)
Идејата за УНПРЕДЕП, како заеднички безбедносен потфат на ОН и на Република Македонија, се роди во кабинетот на претседателот Киро Глигоров при крајот на 1992 година. Повеќепати дебатиравме со претседателот Глигоров, како и на седниците на Советот за безбедност на Македонија, за опасниот безбедносен вакуум на држава без сопствена војска.
Првото писмо што го упатив до Ханс ван дер Брук уште во 1991 година за монитори во Македонија, беше игнорирано. ЕЗ имаше педесет години искуство со интеграција, но немаше претстава што да се прави со држава како Југославија, која минуваше низ крвав процес на дезинтеграција.
Немоќна воено да помогне, Заедницата сугерираше поведение, кое ќе доведе до мирна дисолуција на федерацијата. „Немојте да предизвикате војна во Македонија зашто нема да има кој да ви помогне“, ми вели Јенсен.
,,ПОМОШ!”
Искрено кажано од еден фин човек, кој беше десет години министер за надворешни работи на својата земја, кој постојано леташе, а, сепак, не ја гледаше убавината на тоа да влезеш во алуминиумска цевка и да те лансираат десет километри над земјината површина.
Освен брзината на која ќе стасаш на својата одредница, рече зборувајќи, се разбира, за авионот како превозно средство. Ние во Македонија посветено ги следевме тие правила на поведение и кога сите околу нас ги кршеа, но основниот страв доаѓаше од сознанието дека правилата нема многу да ни помогнат од Европа во ситуација на надворешна инвазија.
САД, од друга страна, ја третира кризата како европски проблем, па единственото место на кое можевме да се обратиме за војници беа ОН. Во ноември 1992 година, се договоривме со претседателот Глигоров да заминам во Њујорк и да им ја образложам идејата на посредниците во југословенските војни, Сајрус Венс и Дејвид Овен.
Отидов во нивната канцеларија во зградата на ОН на Ист Ривер. Едноставна соба со растегнати карти по ѕидовите, меѓу кои и на Источна Европа и на Југославија. Им ја објаснувам нашата ситуација на држава без армија и им ја образложувам нашата идеја за војници распоредени на границите на Македонија како набљудувачи.
Велам, тоа би ни дало време да создадеме армија и да изградиме одбранбен систем. Ми одговорија дека ова им личи како барање војници под знамето на ОН да ја бранат Македонија, но дека сите знаеме дека тоа не е можно.
„Според тоа“, прашаа тие, „која би била нивната мисија“? По малку на шега, реков дека нивната мисија би била, во случај на надворешна инвазија, заеднички да викаме „Help!“ („Помош!“), „Така подобро ќе се чуе нашиот глас“, реков.
Се насмеавме. Добро. Остана уште еден проблем. Имено, досега немал превентивни мисии во места во кои нема конфликт. „Секогаш има првпат“, коментирав.
Се согласија барањето да му го презентираат на Бутрос Гали, генералниот секретар на ОН. Одговорот беше позитивен, така што Македонија можеше да почне со итните подготовки за превентивните сили на ОН на нејзините граници.
Така, би рекол, повеќе случајно отколку намерно, ја отворивме вратата, под знамето на ОН, да дојдат и американски трупи во Македонија. Наравоучение: Ти направи најдобро што знаеш и умееш и моли се да ти успее замислата. Успеа! Одолеавме на искушенијата на војните и со помош на нашите идни партнери во НАТО и во ЕУ, станавме членка на ОН во 1993 година.
ЕПИЛОГ: ТРИ ДЕЦЕНИИ ПОДОЦНА
Обележувајќи ја триесетгодишнината од членството во светската организација, колегата професор Љубомир Фрчкоски, македонскиот постојан претставник во ОН, како што е официјалната титула на амбасадорот, организираше дебата.
Премиерот Димитар Ковачевски, учесник во дебатата, во Скопје ми упати покана за учество и писмо со изрази на благодарност за личниот придонес во времињата минати, гест каков не направил никој од политиката и пошироко, од независноста до денес.
Отидов во Њујорк да кажам и да слушнам за искуството на поединци што нѐ поддржале во тие судбински денови за нашата држава, а јас не сум знаел ниту дека постојат. Ја издвојувам приказната на генералот Џон Багот, тогаш, млад офицер.
Ме повика командантот и ми рече да ги подготвам моите војници за мировна мисија во Македонија, раскажува тој. Морав да погледнам на карта за да видам каде точно се наоѓа оваа земја, вели тој.
Уште повеќе се изненадив кога командантот ми рече дека ќе носиме капи на ОН и ќе бидеме под команда на генерал од нордиските држави. Тоа никогаш порано не се случило во историјата на нашата армија. Какво оружје ќе носиме?
Следеше уште едно изненадување: нема да користите оружје, само стапови, бил одговорот. Така, со воспоставување осматрачници на македонско албанската граница, почна мојот ангажман во рамките на мировната мисија на ОН под името УНПРЕДЕП, вели генералот, некогаш младиот офицер Багот.
Од денот кога дојдовме во Македонија, почна и дружењето со селаните од околните села и со монасите од блискиот манастир. Со време нивните празници станаа наши празници, а нашите нивни. Кога дојде време да се разделиме сите дојдоа да не испратат и можам да ви кажам: немаше око кое не беше насолзено.
Мисијата УНПРЕДЕП, скратено за превентивна мировна мисија на ОН, беше првата мисија од таков карактер на светската организација и, засега, единствена. Мисија на која се горди сите во ОН и која и „купи“ време на младата македонска држава да го отпочне процесот на создавање своја војска која ќе се грижи за безбедноста на границите на новата држава.
БЕЗ ВОЈСКА И ОРУЖЈЕ
Додека американскиот генерал привршуваше со своето кажување се присетив на тие времиња од пред триесет години. Условот да се повлече ЈНА беше наше тотално разоружување. ЈНА и Милошевиќ, го земаа сето оружје со себе.
Ми се јави еден флешбек од седница на владата: какво оружје имаме на располагање, праша премиерот во некои вечерни часови на 1992 година. Министерот за одбрана рече дека имаме само пушки од територијалната одбрана во некаков магацин. Каде е клучот од магацинот, праша некој. Никој не знаеше да каже. Горко се насмеавме.
На дебатата, ми се укажа прилика да кажам нешто за што не се знае, во ОН и во Македонија, во врска со мировната мисија на ОН од почетокот од нашата независност. To set the record straight, би рекле Американците.
Ја искористив приликата да ја кажам нашата приказна, дека идејата за трупи на ОН на границите на нашата држава не се роди во Њујорк туку во Скопје, во кабинетот на претседателот на републиката Киро Глигоров.
А мислењето на парламентот, на владата, ќе прашате денес? Немаше време за дебати кои можеа и да ја искомпромитираат идејата. Сигурната рака на Глигоров на кормилото на државата и потребата од водство велеше дека за тоа ќе зборуваме откога ќе ја испитаме можноста ОН да направи таков преседан за нас.
Набргу заминав за Њујорк на средба со посредниците во војните во Југославија, поранешните министри за надворешни работи на Америка и на Британија, Сајрус Венс и Дејвид Овен.
Ова го реков на панелот веднаш после кажувањето на американскиот генерал Џон Багот, симпатичен човек со атипично кревка градба за војник, кој ми ја стегна раката на крајот од дебатата и шеретски ми рече: „Значи и вие сте биле одговорни за мојот ангажман во мировната мисија“.
(Продолжува)