Културата ги надминува сите политички проблеми меѓу двете земји чии дипломатски односи се нарушени во последниот период, било истакнато на денешната средба кај бугарскиот претседател Румен Радев.
Ова го изјави министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој е дел од високата македонска делегација во Софија, што ја предводи претседателката Гордана Силљановска Давкова.
Љутков на Сител рече дека на средбата со Радев станало збор за развојот на културата и туризмот, како и за економските придобивки што може да ги имаат двата народа од соработката во овие две сфери.
На билатералната средба, пак, со бугарскиот колега, министерот за култура Најден Тодоров, се разговарало за неопходноста од што почести не само оперски, туку и театарски меѓусебни гостувања, како и за големите продукции кои ќе мора, било посoчено, да ги претставуваат двете земји.
-Културата не ги препознава до крај политичките дипломатски односи. Културната дипломатија секогаш била на високо ниво меѓу Македонија и Бугарија и тоа се покажало во последните 20 години. Мислам дека односите се одлични.
Од пандемијата, од 2019 година наваму, и во делот на буџетите и во делот на меѓународните односи заостануваше овие неколку години, но тоа не значи дека не треба да се вратиме на истите патеки. Она што го зборуваме денес е дека освен Македонската опера и балет, треба да ја продлабочиме соработката и во големите продукции во театарот и другите области на културата – рече министерот.