пишува Кирил Ефремовски
Смогот и маглата уште долго ќе се се надвиснуваат над Скопје и другите градови, а граѓаните и понатаму молчат. Наместо воздух, се повеќе дишеме отрови и никому ништо. Секоја зима е исто, а веќе како да отрпнавме. Ние сме општество кое не се буни. Не поставува прашања. Не бара одговорност, не дискутира важни и сериозни теми. “Трпе синдромот“ овде владее како никаде на друго место по светот.
Дали смрадот и загадениот воздух, само дополнително ни ги помати умовите па почна ништо да не ни пречи, дури и она што тивко не убива. Всушност, не дека порано нешто беше поразлично, но имам чуство дека оваа есен и зима завладеа целосна апатија, а незаинтересираноста и неодговорноста кај мнозинството од граѓаните кулминира. Односот кон животната средина и природата, загадувањата, уште долго време овде ниту ќе се сфаќаат серизоно ниту за такви ќе се третираат, освен можеби тогаш кога пола Македонија ќе снема вода за пиење. Впрочем, за каков однос кон животната средина и екологијата бамборам кога во секоја висококатница во центарот на Скопје ќе најдете барем по двајца кои домашниот отпад се уште го фрлаат преку прозорец, а екс-министри сведочат како Премиерот Груевски сакал да го огради со потпорно sидче цело крајбрежје на Охридското езеро. Работните места ни се на еден километар од дома, но ние одиме со автомобили. Не, не чудете се, и тоа е однос кон животната средина, зарем не?
И властите и граѓаните во зимски сон
Непланската урбанизација, проширувањето на улиците, масакарот на многу дрвја кое го сведочевме изминатиот период и увозот на стари автомобили од Европа, придонесоа Скопје да се најде на вровот од светските листи на најзагадени градови. Економската ситуација и големата сиромаштија само дополнитело придонесоа граѓаните се повеќе да крадат се што е од дрво и може да гори во камин и ќумбе, за да се затоплат.
Затоа Скопје секоја втора вечер смрди на запалени гуми, а градските власти не прават ништо. Коце Трајановски набави некавки нови цистерни за прскање против загадувањето, арно ама од Институтот за јавно здравје и понатаму велат дека состојбата со воздухот е алармантна и психотична. Тие проценуваат дека секоја година барем по илјада граѓани ни умираат од аерозагадувањето, а колку ли само добиват канцери и други респираторни болести можеме да претпоставуваме.
Ги слушаат ли Коце и другите градоначалници овие информации, ги разбираат ли податоците што се соопштуваат? Што прави министерот и министерството за заштита за животна средина и просторно планирање? Знае ли некој освен во ДУИ и владата како човекот се вика? Им кажал ли некој на дотичните, прочитале ли сами, дека на граѓаните мора да им се овозможи да живеат во здрава животна средина по закон? Што прават овие институции, повторно ли се изненадени, спијат ли? Дали тоа што од надлежното министерство не информираат дека концентрацијата на суспендирани честички ПМ10 и ПМ2.5 во текот на пет последователни дена е надмината преку пропишаните вредности е доволно или треба да преземат нешто? Зошто и понатаму на најголемите индустриски капацитети кои се едни од најголемите загадувачи и понатаму им се дозволува да загадуваат и не се почитува законот кои самите го донеле? Дали е во име на општото добро вината да се префила од една на друга партија?
Тоа што секојдневно луѓето се гушат и умираат помалку ли ја намалува вината што надлежните институции не си ја вршат својата работа и спијат. Па замислете, да не беше еден млад претприемач со неговата идеа за креирање на веб страница и мобилна апликација, ние се уште немаше да знаеме колку воздухот во Македонија е загаден, бидејќи надлежното министерство тоа не го соопштува јавно и транспарентно.
За воља на вистината, не помала вина во односот кон животната средина и причините за екстремно загадениот воздух имаат и граѓаните. Нивната вина и неодговорно однесување кое дополнително придонесува за аериозагадувањето подеднакво е важно, но градските и државните власти се оние кои ги имаат средстава и механизмите како да ги принудат неодгворните и непослушни граѓани на совесен однос и поведение, бидејќи крајната цел и на едните и другите треба да биде иста – да дишеме нормално во здрава животна средина.
Затоа и градските и државните власти час поскоро мораат да предложат конкретни мерки и почнат истите да ги применуваат, а поради „алармантноста и психотичноста“ во случајот тие мора да бидат многу поконкретни и драстични, им се допаѓале или не на граѓаните, кои очигледно се помалку се свесни дека се работни за нивното и здравјето на нивните деца. До кога ќе го толерираме ваквиот однос и ништо нема да направиме? Каде се сите граѓанските активисти? Каде се еколошките организации? Ќе им се слушне ли и нив гласот, што прават? Кога ќе направат некоја акција и ќе се сети ли некој дека градот и власта можат да се тужат заради оневозможување на живот во здрава животна средина, по закон? Зарем не е подобро на работа да одиме пеш или со јавен еден месец, одошто пет месеци да дишеме отров. Ќе превладее ли и за оваа рак-рана проблем она македонското „трпе-трпиме“ или ќе направиме нешто сите?! Кога ќе почнеме да дишеме на шкрги?